İnci Gündağ
06 Јануари 2016•Ажурирај: 07 Јануари 2016
ЛОНДОН (АА) - Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Филип Хамонд, испрати осудувачка порака во врска со тврдењата на Северна Кореја дека успешно тестирала хидрогенска бомба, јавува Anadolu Agency (AA).
"Безусловно ја осудувам оваа ситуација", изјави Хамонд, кој престојува во посета на Кина, откако севернокорејската новинска агенција "KCNA" соопшти дека војската на Северна Кореја по наредба на претседателот на земјата Ким Јонг-ун успешно тестираше хидрогенска бомба.
"Доколку Северна Кореја активирала нуклеарна направа, тоа претставува провокација и сериозно кршење на одлуката на Советот за безбедност на ОН. Безусловно ја осудувам оваа ситуација, рече Хамонд, и додаде дека последните случувања укажуваат на фактот дека Северна Кореја претставува вистинска закана за меѓународната и регионална безбедност.
Нагласи, исто така, дека неговата земја ќе делува во координација со другите членки на Советот за безбедност при ОН, со цел да биде сигурна дека меѓународната заедница итно и решително ќе одговори на оваа активност.
Хамонд денес се сретна со кинескиот колега Јанг Јечи, а се очекува негов состанок и со претствници на Јапонија и Јужна Кореја.
Да потсетиме, провладини медиуми од Пјонгјанг јавија дека тестирањето на разорната хидрогенска бомба е изведено во 10 часот по локално време и тоа само неколку недели откако севернокорејскиот лидер Ким изјави дека неговата земја го развила тој вид оружје.
Станува збор за бомба која предизвикува и фисиска и фузиска реакција, така што има многу поголема разорувачка моќ од класичната атомска бомба.