Yasin Yağcı
06 Јануари 2016•Ажурирај: 07 Јануари 2016
ХАГ (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел е добитничка на овогодинешниот престижен медал за слобода кој традиционално го доделува американско-холандската Фондација "Рузвелт", јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на фондацијата "Рузвелт" Хан Полман, истакна дека канцеларката Ангела Меркел изминатава година покажала забележително "морално лидерство" во Германија како и голема голема одлучност во решавањето на кризата во Европа
Тој најави дека наградата "Медал за четири слободи" ќе ѝ биде врачена на церемонијата која ќе се одржи на 21-ви април во седиштето на Фондацијата, во холандскиот град Миделбург.
Во соопштението на Фондацијата се наведува дека Меркел е избрана за добитничка на признанието поради улогата во решавањето на финансиската и мигрантската криза во Европа, за нејзината улога во надминувањето на украинската криза и за моралното лидерство кое го покажа како челник на германската влада.
Фондацијата "Рузвелт" е основана со цел зачувување на слободата на мислење, верување, совест и соживот за кој поранешниот американски претседател Френклин Д. Рузвелт говорел во 1941 година. Наградата "Медал на четири слободи" се доделува секоја година, од 1982 година, и тоа наизменично, една година во Њујорк а следната во Миделбург.
Меѓу претходните добитници на ова признание се и Хари Труман, Џон Ф. Кенеди, кралицата Џулијана, Џими Картер, Нелсон Мандела, Малала Јусуфзај и Кофи Анан.