Bayram Altuğ
27 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) го повикаа Израел, неговите безбедносни сили да положат сметка за убиствата и ранувањето на Палестинците за време на масовните демонстрации насловени како „Голем марш за враќање“ на границата меѓу Појасот Газа и Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Високиот комесаријат на ОН за човекови права потсетија дека за време на демонстрациите, кои се одржуваат секој петок од 30 март, загинале 42, а ранети се 5.500 лица.
Тие нагласија дека за време на демонстрациите смртно не настрадал и не е повреден ниту еден Израелец. Истакнаа дека мета на израелските војници биле невооружените цивили кои учествувале во мирните демонстрации.
Високиот комесар на ОН за човекови права Зејд Рад Ал Хусеин ја критикуваше употребата на прекумерна сила врз Палестинците.
„Секоја недела сме сведоци на прекумерната употреба на смртоносна сила над невооружените демонстранти“, појасни Хусеин.
И покрај предупредувањата на ОН, како што рече, се продолжува со нападите врз цивилите. Хусеин потсети и на убиството на 14-годишниот Мухамед Ејуп, кој загина од куршум на снајперист.
Изрази загриженост за животите на Палестинците на денешните демонстрации, наредниот петок но и секој следен.
И покрај израелските закани, Палестинците продолжуваат со мирните демонстрации со кои сакаат да укажат на проблемите со коишто се соочуваат.
Илјадници Палестинци на границата со Газа веќе петти петок по ред мирно протестираат и го одбележуваат Денот на земјата, во знак на сеќавање на 30 март 1976 година, денот кога Израел одзеде илјадници хектари палестинска земја.
Од почетокот на протестите досега загинаа 42 Палестинци, а ранети се над 5.500. Се планира, протестите да продолжат до средината на мај.
Денот на земјата во Палестина се одбележува од 1976 година, станувајќи, на некој начин, симбол на отпорот на Палестинците за враќање во својата земја, а воедно и обид да ѝ се укаже на Меѓународната заедница на потребата за заштита на правата на палестинскиот народ, основање независна држава Палестина и враќање на палестинските бегалци во татковината.