Emel Öz Gözellik
27 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, истакна дека е реализиран историски состанок меѓу Северна и Јужна Кореја, и дека се случуваат добри нешта, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп, во објава на Твитер напиша дека по една година исполнета со нуклеарни тестирања и лансирања на проектили, одржан е еден историски состанок меѓу Северна и Јужна Кореја.
„Се случуваат добри нешта, но времето ќе покаже“, додаде Трамп.
„Корејската војна завршува. САД и нивниот прекрасен народ треба да бидат горди поради она што се случува во Кореја“, напиша Трамп во објава на Твитер.
Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, и претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, денес се сретнаа во Панмунџом на границата меѓу двете земји.
Во заедничкото соопштение објавено по самитот се наведува дека лидерите на двете земји постигнале договор за започнување на преговори за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, како и за претворање на постоечкото примирје во постојан мировен договор.
Од 1953 година, кога е потпишано примирјето, досега, двете земји официјално сè уште беа во војна.