Ahmed el-Halili,Zeynep Hilal Karyağdı
07 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Пратениците на израелскиот Парламент усвоија предлог-закон со кој се дозволува изградба на нови еврејски населби, кои се состојат од 4.000 станбени единици на приватно палестинско земјиште на Западниот Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа одлука остро ја осуди Министерството за надворешни работи на Турција.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција се истакнува дека политиката што ја спроведува Израел во никој случај не е прифатлива и е спротивна на резолуциите на Обединетите нации (ОН).
Инаку, претседателот на Кнесетот, Јули Еделштајн, по гласањето изјави дека за предлог-законот гласале 60 пратеници, 52 биле против, а осуммина пратеници, вклучувајќи го и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој беше во Лондон, не присуствуваа на гласањето. Законот беше донесен во третиот круг на гласање.
Првото гласање се одржа на 6. декември минатата година.
Кон крајот на декември минатата година, Советот за безбедност на Обединетите нации со воздржаност на САД ја изгласа резолуцијата 2334, за итно завршување на израелската политика за изградба на нелегални населби за доселениците на окупираната палестинска територија. Одлуката беше критикувана од страна на израелските власти и беше оценета за неприфатлива.
Во Источен Ерусалим живеат околу 200.000 лица, а на Западниот Брег над 400.000 Евреи. Станува збор за илегални населби на ова подрачје.