Büşra Nur Çakmak,Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
10 Март 2022•Ажурирај: 10 Март 2022
АНКАРА (АА) - Турција денеска, на 15. ден од почетокот на војната, е домаќин на критична трипартитна средба со министрите за надворешни работи на Украина и Русија за да се олесни прекинот на огнот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ќе ги пречека украинскиот шеф на дипломатија, Дмитро Кулеба и рускиот шеф на дипломатија, Сергеј Лавров во јужната област Анталија, каде што се одржува и Меѓународниот форум за дипломатија во Анталија.
Чавушоглу претходно изрази надеж дека средбата „ќе биде пресвртна точка“ и „важен чекор“ кон мирот и стабилноста и дека Анкара „ќе продолжи да прави напори за траен мир“.
Војната на Русија против Украина наиде на незадоволство од меѓународната заедница, при што Европската Унија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави, меѓу другите, воведоа низа економски санкции за Москва.
Најмалку 516 цивили се убиени, а 908 други се повредени во Украина откако Русија ја започна војната против својот сосед, според податоците на ОН, а се стравува дека реалниот биланс ќе биде поголем.
Повеќе од 2,1 милион луѓе ја напуштиле Украина во соседните земји, според Агенцијата на ОН за бегалци.
- Ставови на двете страни
Москва има различни услови да стави крај на војната во Украина.
Таа сака Украина да го измени нејзиниот Устав во кој недвосмислено би се изјаснила дека Киев нема да се приклучи на ниту еден сојуз и дека Крим е руска територија.
Во февруари 2019 година украинскиот Парламент ги одобри амандманите на Уставот кои ја потврдуваат желбата на Украина да се приклучи на НАТО.
Киев сака војната на негова територија да заврши и руските трупи целосно да се повлечат од украинското тло, вклучувајќи ги Крим и Донбас.