ИСТАНБУЛ (АА) - По седумгодишна рестарвација, во Истанбул денес свечено беше отворена бугарската православна црква Свети Стефан, јавува Anadolu Agency (AA).
Позната под името „Железна црква“, црквата е сместена на брегот на заливот Златен рог, на Балат во Истанбул, а единствена е по тоа што во потполност е изработена од ковано железо.
На церемонијата присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој во таа пригода истакна дека повторното отворање на црквата е важна порака за меѓународната заедница.
„Веруваме дека должност на државата е на сите да им се обезбеди слободно изразување на религијата“, изјави турскиот претседател, потсетувајќи дека Турција во последните 15 години финансира реставрирање на повеќе од 5.000 артефакти.
Турскиот претседател изјави дека во последно време во Турција се реставрирани 14 цркви, меѓу кои се Големата синагога во Едрeне, црквата Аја Никола на островот Гокчеада, Протестантската ерменска црква во Дијарбакир, црквата Низип Февкај во Газиантеп, Црквата Таксијархис на островот Кунда, како и Црквата Аја Јорги во Едирнекапи (Адријанополска порта).
„Железната црква е финале на оваа работа, последниот пример“, изјави Ердоган на отворањето на Црквата Свети Стефан во Истанбул. Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, оцени дека повторното отворање на црквата е најдобар пример на верска толеранција која неговата земја ја покажува кон другите вери.
„Се надевам дека оваа порака ќе се слушне и ќе се разбере правилно“, изјави Јилдирим.
Борисов: „Софија и Истанбул се пример на етничка толеранција на којa може да ѝ се позавиди”
На повторното отворање на бугарската православна црква присуствуваше и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.
Тој во таа пригода истакна дека реставрираната црква во светски рамки е уникатка и им се заблагодари на претседателот Ердоган и на градот Истанбул.

Премиерот Борисов, на присутните во Балат, Истанбул, им се обрати со зборовите: „Пред вас се наоѓа прекрасна црква, која е уникатна во светот. Таа ни ја претставува религијата во заливот Златен Рог и ја покажува почитта кон нашата религија”.
Истакнувајќи дека е потребно вложување напори за нормализација и подобрување на односите меѓу Европската Унија (ЕУ) и Турција, Борисов го истакна следното: „Пред неколку години кога престојував во Стразбур видов дека односите впрочем се добри. Бизнис односите, трговските и безбедносните односи се во процес на обновување. Не е битно дали земјите се големи или мали, сите ние имаме можност за свој придонес. Ќе дадеме колку што е можно поголем придонес. Верувам дека тоа е вистинскиот пат”.
Борисов во своето обраќање рече дека од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, побарал поддршка за повторно заживување на црквата.
Истакнувајќи дека претседателот Ердоган го одржал дадениот збор, Борисов им се заблагодари на Ердоган и на градот Истанбул.
Премиерот Борисов, нагласувајќи дека од 1. јануари Бугарија го презеде периодичното претседавање со ЕУ, наведе дека Бугарија отсекогаш сакала да воспостави совршени односи и со исламскиот и со христијанскиот свет.
Потенцирајќи дека тероризмот е присутен насекаде, Борисов рече: „Само заеднички можеме да се бориме против тоа зло (тероризмот). Тоа можеме да го постигнеме со размена на информации”.
Своето обраќање, премиерот Борисов го продолжи со следните зборови: „Зборуваме за резултати, а доколку погледнеме кон причините, тогаш можеме да уочиме дека судбината нѐ избра географски и политички да живееме заедно. Ние мораме да ги забележиме и другите. Живееме во такво време што можеби не за целиот свет, но барем на цела Европа, и на цел Балкан ќе им покажеме какви се и како се однесуваат една христијанска и една муслиманска земја. Софија и Истанбул се навистина пример на етничка толеранција на која може да ѝ се позавиди. Во Софија на квадратен километар има католичка црква, синагога и џамија. Сите заедно живееме во мир и спокој”.
Потсетувајќи на зборовите на турскиот претседател Ердоган дека „Мешаните заедници и имигрантите треба да се користат за решавање на споровите”, премиерот Борисов додаде: „Имаме исклучителна можност. Имигрантите во Бугарија и муслиманите во Бугарија се мост на пријателството, тие се гаранција за безбедноста и претставуваат гаранција за етничката толеранција”.
Борисов, кој денешниот ден го дефинираше како ден со „големо симболичко значење” и „сигнал насочен кон Европа”, на прашањето „Дали претседавањето на Бугарија со ЕУ започнува од Турција?” го даде следниот одговор: „Турција е голема држава и најголем сосед на Европа. Ние треба да направиме сѐ што е во наша моќ. Средбата на турскиот претседател Ердоган со претседателот на Франција, Макрон, го следевме со големо внимание. Ги следиме средбите на турскиот шеф на дипломатијата. Потребно е да се вложат напори за нормализација и подобрување на односите меѓу Турција и ЕУ во 2018 година. Пред неколку години кога престојував во Стразбур, видов дека односите впрочем се добри. Бизнис односите, трговските и безбедносните односи се во процес на обновување. Не е битно дали земјите се големи или мали, сите ние ќе имаме можност за свој придонес. Ќе дадеме колку што е можно поголем придонес. Верувам дека тоа е вистинскиот пат”.
Премиерот Борисов го истакна совето задоволство што учествува на церемонијата и додаде: „2017 година беше тешка година. 2018 година нека биде година на мир, спокој и просперитет. Најсрдечно им ги пренесувам своите најдобри желби на турскиот народ”.
Црквата Свети Стефан или Железната црква, првобитно беше изградена од дрво. Беше обновена во 1898 година, овојпат од железо. Реставрацијата, која ја изведуваше Град Истанбул, траеше седум години. Од 3,5 милиони евра (16 милиони турски лири), колку што се вложени за црквата да се спаси од пропаѓање, над 2,8 милиони евра (13 милиони лири), издвои Град Истанбул.