Од пациент до претприемач: Нигериец им дава надеж на лицата со попреченост преку сопствени иновативни трицикли
- „Инвалидитетот не значи дека има пречка за да се создаде нешто вредно. Сакав да го докажам токму тоа“
Adam Abu-bashal
15 Мај 2026•Ажурирај: 15 Мај 2026
photo: Zulyadain Bello / AA
КАНО
Нигериецот Камил Салису Ахмед, кој како последица на тешка болест во детството ја изгубил способноста за самостојно движење, денес преку трициклите што сам ги дизајнира и произведува не само што се грижи за сопствената егзистенција, туку им подава рака и на други лица со инвалидитет нудејќи им работа, јавува Анадолу.
Овој 30-годишен претприемач, кој живее во сојузната држава Кано, за Анадолу раскажа дека имал само 11 години кога се разболел од непозната болест по која неговиот живот целосно се сменил.
Ахмед се потсети на тешките денови поминати во изолација: „Беше невозможно дури и да излезам надвор. Понекогаш со месеци не можев да стигнам од собата до дворот. Немав никој што би можел да ми помогне.“
Физичките предизвици со кои се соочил го принудиле да го прекине образованието, но ни за миг не ја изгубил решителноста да се бори за својот живот, вели тој.
Фотографија : Zulyadain Bello/AA
На 17 години донел одлука што му го сменила животот, почнал да учи занает во една локална работилница за поправка на мотоцикли.
Брзо ги совладал тајните на занаетот, а потоа стекнатото знаење го споил со сопственото животно искуство за да си постави повисока цел.
Со сопствени средства отворил работилница и почнал да произведува трицикли по негов дизајн. „Оваа работа не ја започнав само за себе туку за сите луѓе што како мене се соочуваат со тешкотии при движењето“, вели тој.
Ахмед објаснува дека неговите трицикли се наменети да им го олеснат секојдневјето на лицата со попреченост, нагласувајќи дека овие возила се практични и лесно се движат дури и по песочни и тешки терени.
Некои делови ги набавува од странство, но голем дел се изработуваат локално. Досега има направено и продадено околу 20 вакви мотоцикли, а за изработка на еден му се потребни четири до пет недели.
- „Мојот вистински успех е што им давам надеж на другите“ -
Досега Ахмед обучил пет лица како да произведуваат вакви возила, што за него претставува најголем животен успех.
„Инвалидитетот не значи дека има пречка за да се создаде нешто вредно. Сакав да го докажам токму тоа“, вели Ахмед и додава: „Некои лица што немаат никаква физичка попреченост можеби не би можеле да ја работат оваа работа што јас ја работам денес.“
Негова најголема желба за иднината е да ја прошири работилницата за да може да вработи повеќе луѓе, особено од ранливи категории.
Упатувајќи повик за поддршка, тој заклучува: „Сакам тука да доаѓаат повеќе луѓе, да научат занает и да си го изградат животот. Но, за жал, досега не ја добивме потребната поддршка.“