Şenhan Bolelli
25 Јануари 2016•Ажурирај: 26 Јануари 2016
МАДРИД (АА) - Со освоени 52,89 отсто од гласовите, независниот кандидат Марсело Ребело де Соза, познат по прекарот „професор”, избран е за нов претседател на Португалија, на вчера одржаниот прв круг претседателски избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Португалското министерство за внатрешни работи доцна синоќа ги објави прелиминарните резултати од првиот круг на претседателските избори, а професорот по право Соза, веќе во првиот круг освои доволно гласови и ги победи останатите девет противкандидати.
Новиот португалски претседател е роден во 1948 година во Лисабон, а во почетокот на 80-тите години на минатиот век беше лидер на социјалната десничарска партија (PSD), чиј член е сè уште. Предава на Правниот факултет на Универзитетот во Лисабон, а веќе 15 години работи како политички аналитичар во португалската државна телевизија.
Во изборната трка влезе како независен кандидат и ги одби сите понуди за финансиска поддршка од партијата на десниот центар и на низа стопанственици. Не одржуваше масовни митинзи, туку дружења со бирачите и граѓаните на улиците.
Функцијата претседател на државата во Португалија воглавно е од репрезентативен карактер. Вчерашните избори беа деветти по ред претседателски избори, а Соза ќе биде петтиот претседател на таа земја откако во 1974 година заврши тамошната диктатура и е воведен демократски систем.
Одзивот на бирачите изнесуваше 48 отсто, а предизборната кампања траеше две недели.
На власт во Португалија е владата од редот на социјалистите, која ја поддржува Комунистичката партија и радикалниот лев блок. Таа спроведува непопуларни мерки на штедење, кои започнаа по финансиската криза.
Ребело де Соза, очекувајќи ја победата им сугерираше на гласачите да го поддржат како десничар за да се воспостави рамнотежа со сегашната левичарска влада.
Де Соза, должноста претседател на државата треба да ја преземе на 9-ти март од Анибал Кавако Силва, кој отслужи два петгодишни претседателски мандати.