Elena Trenchevska Chekovic
23 Септември 2026•Ажурирано: 23 Септември 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, порача дека во време на сериозни геополитички предизвици, светот има потреба од посилен дијалог, одговорен мултилатерализам и доследно почитување на меѓународното право, пренесува Анадолу.
Муцунски преку објава на социјалната мрежа Х, од Њујорк се осврна на учеството на Северна Македонија на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Нашата цел е јасна: да ги браниме нашите национални интереси, да ги зајакнеме партнерствата и политичкиот дијалог да го претвориме во конкретни резултати“, напиша Муцунски.
Тој истакна дека Северна Македонија, како НАТО-сојузник, земја кандидат за членство во Европската Унија и активна членка на Обединетите нации, останува посветена на регионалната стабилност, европската безбедност и меѓународниот поредок заснован на правила.
Министерот посочи дека дипломатските активности на земјата остануваат насочени кон остварување на конкретни резултати за граѓаните.
„Нашата дипломатија останува активна, принципиелна и фокусирана на постигнување резултати за нашите граѓани“, напиша Муцунски.