Abdula Berisha
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денес беше домаќин на неговиот колега од Кралството Данска, Јепе Кофод, со кој разговараа за билатералните односи, процесот за интеграција на земјата и регионот во Европската Унија (ЕУ), за ситуацијата во Авганистан, како и за ангажманот на земјите за помагање на цивилното население што е под ризик, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи потсети дека во Северна Македонија веќе стигнала првата група со авганистански цивили и рече дека ова е заеднички предизвик на двете земји како НАТО-партнери.
„Го информирав за нашата одлука за прифаќање авганистански цивили како дел од солидарноста на нашата земја и продолжување на партнерството со сојузниците, откога сме влегле во Авганистан, излеговме заедно, но и сега продолжуваме да ги менаџираме сите последици од оваа наша мисија, така да ќе продолжиме и понатаму со овие заеднички напори и со оваа средба верувам дека ќе отвориме ново поглавје на можности за подобри и подлабоки односи меѓу Северна Македонија и Кралството Данска“, нагласи Османи.
Министерот за надворешни работи на Кралството Данска, Кофод, истакна дека на средбата разговарале за прашањето за миграцијата, поздравувајќи ја одлуката на Владата на Северна Македонија за прифаќање авганистански цивили.
„Кога зборуваме за Авганистан, исто така сакам да ја поздравам вашата влада што презеде одговорност за она што го направивме таму, и нудењето помош за Авганистанците кои соработуваа со нас, кои ја напуштија земјата за да најдат азил тука и во други земји. Исто и ние во Данска евакуиравме над 800 Авганистанци во нашата земја, кои соработуваа со нас“, додаде Кофод.
Тој исто така ги поздрави, како што рече, импресивните реформи на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција, укажувајќи на поддршката на неговата земја во овој процес.
Од друга страна, министерот Османи истакна дека во Данска функционира голема и добро етаблирана дијаспора од Северна Македонија и додаде дека тоа е мост меѓу двете земји.