Ikrame Imane Kouachi
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
САД и нивните коалициски партнери официјално ја завршија операцијата „Непоколеблива одлучност“ во Ирак, соопшти денес главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, пренеусва Анадолу.
Во соопштението, Парнел рече дека завршувањето на мисијата е во согласност со заедничката изјава на САД и Ирак од септември 2024 година и со националните интереси на САД.
„Уредното повлекување“ на коалициските сили и опрема од воздухопловната база Ербил го означи „успешното завршување“ на воената мисија со која беше поразен ДЕАШ во Ирак, рече тој.
„Овој момент претставува успех на 12-годишната кампања со која ДЕАШ беше поразен како организирана воена закана во Ирак и во регионот“, рече Парнел.
Тој додаде дека развојот „означува премин од воена коалициска мисија кон безбедносни напори предводени од Ирак, поддржани со понормален билатерален безбедносен однос“.
„Очекуваме ирачките безбедносни сили, вклучително и Пешмергите и другите безбедносни сили во регионот на Ирачки Курдистан, да продолжат да ги предводат напорите за обезбедување на Ирак и за потиснување на остатоците од ДЕАШ“, рече Парнел.
Тој додаде дека американското Министерство за војна ќе продолжи да обезбедува „обука и разузнавачка поддршка“ за ирачките партнери.
„Примарната одговорност за справување со преостанатите безбедносни предизвици во Ирак, вклучително и со остатоците од ДЕАШ и милициите поврзани со Иран кои го поткопуваат ирачкиот суверенитет и регионалната стабилност, сега е на Владата на Ирак“, рече Парнел.
Тој додаде дека САД остануваат посветени на борбата против тероризмот и дека ќе продолжат да соработуваат со Ирак и неговите партнери за да се осигурат дека ДЕАШ „никогаш повеќе нема да може да се обнови од ирачка територија“.
Парнел рече дека САД поддржуваат „силен и суверен Ирак“ кој ги обезбедува своите граници, го штити своето население и претставува основа за „подлабока комерцијална, дипломатска и безбедносна соработка“ меѓу двете земји.
Багдад и Вашингтон во септември 2024 година се договорија да ја прекинат воената мисија на коалицијата во Ирак според временска рамка што траеше до крајот на септември 2026 година, со премин кон билатерални безбедносни односи меѓу Ирак и земјите членки на коалицијата.
Коалицијата беше формирана под раководство на САД во 2014 година, откако ДЕАШ зазеде големи делови од Ирак и Сирија, обезбедувајќи им на ирачките сили воздушна, разузнавачка и тренинг-поддршка во операциите против групата.
Ирак во декември 2017 година соопшти дека повторно воспоставил целосна контрола врз територијата што претходно ја зазел ДЕАШ.