Alma Çekovic
15 Јуни 2016•Ажурирај: 16 Јуни 2016
КОПЕНХАГЕН (АА) - Поранешната данска премиерка Хеле Торнинг Шмит, која за време на својот мандат воведе серија ограничувања за барачите на азил и бегалците, тврди дека Европа лесно може да прими милион бегалци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Торнинг Шмит, која моментално ја извршува должноста на извршен директор на организацијата "Save the Children" учествуваше на Самитот за најмоќните жени каде за време на 30-минутното интервју, помеѓу остантото, зборуваше за бегалската криза во Европа праќајќи поразлични пораки од оние кои ги праќаше додека беше на чело на данската Влада.
„Во Европа има место за милион луѓе за кои треба да се грижиме и она за што мора да размислуваме цело време е дека овие луѓе бегаат од најстрашните војни. Секако дека има место”, изјави Торнинг Шмит чија поранешна левичарска влада се залагаше за остар пристап кон бегалците, ограничувајќи ги нивните права за спојување на семејствата и заострувајќи ги правата за азил.
Поранешната данска премиерка застана во одбрана на својата администрација и актуелната данска влада велејќи дека скандинавската земја и понатаму е една од водечките земји на ЕУ кои примиле најголем број на бегалци по глава на жител.
„Данска сè уште e една од земјите која прима најмногу бегалци. Данска е земја која презема голема одговорност”, изјави Торнинг Шмит.
Откако во јуни минатата година изгуби на парламентарните избори и должноста на премиер ја предаде на Ларс Локеу Расмусен, Торнинг Шмит во јануари во потполност се повлече од политичкиот живот со цел да ја презеде должноста на извршен директор на "Save the Children".