Furkan Abdula
31 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, денеска, го прими на средба министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, со кого позитивно го оценија динамизирањето и континуираното зајакнување на политичкиот дијалог во последните неколку години, со цел градење пријателство и доверба меѓу двете соседни земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, Заев бил придружуван од страна на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
Се истакнува дека на средбата Заев изразил благодарност за поддршката што грчката Влада ѝ ја дава на Северна Македонија во однос на успешно остварување на пристапниот процес за членство во ЕУ, соработката на промовирање на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и помошта за совладување на здравствено-економската криза што беше предизвикана од пандемијата од Ковид-19.
„На денешниот состанок, од особена важност беше оценета економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција, која, како што беше нагласено, е одраз на пријателството и соработката на двете земји во повеќе области, што произлегува од имплементацијата на Преспанскиот договор, кој е голем чекор за зголемување на соработката во бизнис-секторот, енергетската област, транспортот, дигитализацијата, културата, областа на одбраната“, се наведува во соопштението.
Во ова соопштение се вели дека денешната средба Заев ја искористил да ја информира грчката страна за значајните активности што од страна на државата се преземени за приспособување на обврските од Договорот од Преспа, како и за натамошните планирани соодветни процедури.
Според соопштеното, на средбата било констатирано дека Грција останува гласен поддржувач на Северна Македонија и земјите од регионот во нивните напори за европска интеграција, и истовремено се наведува дека позитивно била оценета силната и безрезервна поддршка што Грција постојано ѝ ја дава на Северна Македонија како рамноправна членка во НАТО.
„Нашата влада смета на грчка поддршка меѓу земјите членки на ЕУ во однос на нашето членство, бидејќи тоа е нашата единствена алтернатива и од особено значење и важност се односите и соработката меѓу нашите две земји за нашето пристапување во Европската Унија“, рече Заев, оценувајќи го особено позитивно периодот по Преспанскиот договор, за кој, како што нагласи, е карактеристично интензивирањето на пријателските односи особено преку средби, контакти и иницијативи спроведени на сите нивоа.
Се нагласува дека на денешната средба било констатирано дека соработката на земјите членки на ЕУ е доказ дека сите отворени прашања можат да се решат преку дијалог, а за тоа, според соопштението, се доказ многуте поранешни несогласувања меѓу земјите, кои денеска имаат одлична соработка на сите нивоа.
„На средбата меѓу Заев и Дендијас позитивно беше оценета вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и Грција за јануари-август 2021 година, која изнесува 395,8 милиони американски долари, со раст од 20,3 отсто во споредба со истиот период во 2020 година со заклучок дека вистинскиот начин за успешна соработка меѓу земјите е зголемувањето на економската соработка, која носи придобивки за сите граѓани, кои се одразуваат на нивниот квалитетен и просперитетен живот“, се додава во соопштението на Владата на Северна Македонија.