Hasan Esen
25 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
БРИСЕЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) побара да им се дозволи на пет држави-членки за уште три месеци да го замрзнат Шенгенот и да продолжат со граничните контроли, со цел да го спречат доаѓањето на бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
Европската комисија предложи членките на Шенген-зоната, Германија, Австрија, Данска, Шведска и Норвешка за уште 3 месеци да ја продолжат контролата на границите. Во изјавата на Европската комисија се вели дека и покрај тоа што се спроведени мерки со цел управување со надворешните граници и заштита на Шенген-зоната, сепак целта не е постигната.
„Има значителен напредок во насока на укинување на контролите на внатрешните граници. Меѓутоа, ова треба да го подобриме. Поради тоа, предлагаме засегнатите држави да продолжат да ги контролираат границите уште 3 месеци“, изјави потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.
Одговорниот член за миграции, внатрешни работи и државјанства при Европската комисија, Димитрис Аврамопулос рече дека Шенгенот е еден од најголемите успеси на ЕУ интеграцијата и оти сака во најкраток можен рок да се укинат привремените гранични контроли.
Аврамопулос пренесе дека Европа постојано ги зајакнува превентивните мерки против напливот на бегалци со кој се соочува и додаде: „Меѓутоа, сѐ уште не сме дојдени до таа точка (да се укинат граничните контроли). Поради ова, на Европската комисија ѝ предлагаме да им дозволи на државите-членки да ги продолжат граничните контроли за уште 3 месеци“.
Доколку Европската комисија го прифати предлогот, оваа мерка, која завршува на 12. февруари, ќе биде продолжена за уште 3 месеци. Се очекува Европската комисија, која се состои од претставници на државите-членки, со сигурност да го одобри овој предлог.
- Кои граници се контролираат -
Контрола се прави на границите со Австрија, Унгарија и Словенија; границите на Австрија и Германија; пристаништата на фериботските линии меѓу Данска и Германија и германската копнена граница; Ересундскиот мост којшто ги поврзува градовите Копенхаген во Данска и Малме во Шведска и пристаништата на линиите меѓу Норвешка и Данска, Германија и Шведска.
Германија, Австрија, Данска, Шведска и Норвешка кон крајот на 2015 година започнаа со етапна контрола на границите. Иако суспендирањето на најголемиот успех на ЕУ, Шенген-зоната беше критикувано, сепак оваа мерка беше продолжувана на секои 3 месеци.
Во Европа пристигнаа повеќе од еден милион бегалци во 2015 година, а по постигнатиот договор со Турција, на 18. март 2016 година, дневните премини од 6.000 се намалија на околу 80 бегалци.