Furkan Abdula
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, го започна учеството на Бледскиот стратешки форум, што оваа година е посветен на темата „Иднината на Европа“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, Заев во Блед бил пречекан од претседателот на Владата на Словенија, Јанез Јанша, по што заедно се упатиле на првиот лидерски панел на кој свое обраќање имал претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.
Се истакнува дека Заев ќе учествува на попладневниот лидерски панел „Иднината на Европа – Проширувањето“ на кој воведно обраќање ќе има претседателот на Словенија, Борут Пахор.
„На овој панел учествуваат и комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, како и премиерите на Словенија, Јанез Јанша, на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, на Косово, Албин Курти, на Полска, Матеуш Моравјецки, на Албанија, Еди Рама, претседавачот и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, како и претседателите на Молдавија, Маја Санду, и на Бугарија, Румен Радев“, се наведува во соопштението.
Се нагласува дека на останатите панели од годинешниот Бледски стратешки форум во Словенија ќе учествуваат и многу други шефови на држави и влади од регионот и пошироко од Европа, официјални највисоки претставници на институциите на ЕУ, како и на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации.
Според соопштеното, во рамките на програмата на Форумот, Заев ќе има и неколку билатерални средби со дел од учесниците на Бледскиот стратешки форум.