Zlatan Kapic
01 Септември 2021•Ажурирај: 03 Септември 2021
НОВИ ПАЗАР
Во порака по повод церемонијата за отворање на Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека доколку се движат заедно, народите на Балканот ги очекува светла иднина, а дека терористичката организација ФЕТО ќе ја искорената работејќи заеднички, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој потсети дека Генералниот конзулат на Турција во Нови Пазар се отвора четири години по неговата посета на овој град во 2017 година, изразувајќи радост поради можноста повторно да им се обрати на жителите на овој град.
Тој му се заблагодари на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за поддршката за време на процесот на отворање на Конзулатот во Нови Пазар.
„Отворањето на турскиот Генерален конзулат во Нови Пазар ќе даде дополнителна поддршка за понатамошниот развој на односите Турција - Србија. Конзулатот не само што ќе биде во служба на српските граѓани, туку ќе биде и во служба на жителите на Санџак. Ние ги гледаме нашите браќа од Санџак како мост на пријателство меѓу Србија и Турција“, рече Ердоган.
Турскиот претседател потсети дека силната емоционална врска како што може да се види, придонесува за односите на сите полиња, а Конзулатот ќе даде дополнителен придонес за сето ова.
Ердоган рече дека турските инвеститори работат во сите делови на Србија, со што придонесуваат за вработување и развој.
„Активностите за инфраструктурните проекти продолжуваат со ненамален интензитет. Патот меѓу Нови Пазар и Тутин, со божја волја, ќе биде во функција наредната година. Автопатот Белград - Сараево, заедно со другите инфраструктурни објекти, ќе помогне да се поврзе Санџак со регионот. Ги охрабруваме нашите инвеститори да инвестираат во Србија и регионот Санџак. Народот на Санџак покажа солидарност и поддршка за Турција за време на предавничкиот обид за државен удар на 15 јули 2016 година, извршен од страна на терористите на ФЕТО, а претседателот Вучиќ беше меѓу првите водачи кои изразија поддршка во текот на ноќта на неуспешниот обид за пуч. Никогаш нема да го заборавиме неговиот храбар потег. Работејќи заедно, ќе ја искорениме терористичката организација ФЕТО од Балканот“, рече Ердоган, додавајќи:
„Ги гледаме Србите, Бошњаците, Албанците и сите други народи на Балканот како наши вековни пријатели со кои ќе продолжиме да работиме. Веруваме дека народите на Балканот, доколку се движат заедно, ќе имаат добра иднина.“
Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар (Србија), првиот конзулат во овој град, денеска беше свечено отворен со церемонија на сечење лента.
Претседателите на Турција и Србија, Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ, се обратија на свеченото отворање преку видеопорака, а лентата, во придружба на делегацијата ја пресекоа министрите за надворешни работи на двете земји, Мевлут Чавушоглу и Никола Селаковиќ.
Покрај претседателот и министрите, на свеченото отворање се обратија и турскиот амбасадор во Србија, Хами Аксој, и конзулот Башар Басол, а присуствуваа и Сеад Насуфовиќ, реис-ул-улема на Исламската заедница на Србија, градоначалникот на Нови Пазар, Нихад Бишевац, претседателката на Бошњачкиот национален совет, Јасмина Чуриќ, Расим Љајиќ, лидерот на Социјалдемократската партија на Србија, и голем број други функционери и граѓани.