Fatjon Cuka, Dzihat Aliju
01 Септември 2021•Ажурирај: 03 Септември 2021
ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА / ЏИХАД АЛИЈУ -
Преземањето на контролата врз Авганистан од страна на талибанците резултира со мигрирање на голем број авганистански државјани вработени во државните институции, во меѓународните организации и медиуми или што биле студенти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Албанија беше првата балканска земја што им овозможи право на привремено засолнување на авганистанските државјани, чија крајна дестинација се САД или трети земји. Во изминатите денови, во Албанија пристигнаа стотици авганистански државјани во неколку групи.
Првата група со авганистански државјани пристигна на 27 август, а во Албанија се сместени во подрачјето на Студенти во Тирана, како и во градовите Драч и Леж.

Тие започнаа нов живот во објектите што се обезбедени за нив во Студенти, додека во случај на потреба, соработуваат со албанските власти за различни прашања, а децата го поминуваат својот ден играјќи игри.
32-годишниот авганистански државјанин, Азиз Кошан, кој се засолни во Албанија, во изјава за новинарот на АА говореше за неговата работа во Авганистан, за неговиот нов живот во Албанија и за неговите планови за во иднина.
Тој рече дека во Авганистан работел како истражувач во невладина организација и дека во Албанија дошол заедно со неговата сопруга.
Според него, таму обучувал девојчиња за пишување истражувачки статии, креирање политики и вклучување во дебати, а покрај тоа соработувал со Авганистанската влада во областа на безбедноста и одбраната.
„Тука откривме многу нешта. Моментално тука имаме ограничена зона на движење, но луѓето се многу љубезни. Се соочуваме со некои тешкотии во врска со јазикот, но не е проблем. Тука е прекрасно“, нагласи Кошан, говорејќи за нивниот нов живот во Албанија.

Кошан информира дека соработувал со албанските власти во насока на пополнување формулари, преводи и административни прашања, и дека во слободното време разговара со неговото семејство во Авганистан.
Тој рече дека немаат намера да останат во Албанија поради проблемот со јазикот.
„Ги пополнивме формуларите за азил за во САД и Канада и се надеваме дека ќе ги прифатат. Се надеваме дека ќе пристигнеме во Канада и САД и дека можеби до крајот на животот ќе живееме таму“, додаде Кошан.
Меѓу другото, заедно со Кошан, во Албанија дојде и неговата сопруга, 31-годишната Фатиме Ибрахими.
Таа истакна дека во Авганистан работела во областа на финансиите, и дека по настанатиот хаос биле принудени да ја напуштат земјата.
„Се чувствувам многу добро тука во Албанија. Ова е многу добро место. Не мислам да останам тука бидејќи ако живеам тука, треба да го научам јазикот. За мене е тешко бидејќи имам 31 година и немам време да го научам јазикот. Така што, преферирам да живеам во Канада или САД. Со нашето семејство комуницираме преку Фејстајм, бидејќи сме загрижени за нив. Тука сум само со мојот сопруг“, рече таа.

Меѓу лицата што во Албанија дојдоа за привремено засолнување е и 16-годишниот Еиса Сидики, кој рече дека во Албанија дошол за нов живот заедно со неговиот татко, неговата мајка и неговите браќа и сестри.
„Во Албанија ми е удобно, мирно и живеам добар живот. Во Авганистан немав хоби. Сега е време да најдам ново хоби и пријатели. А потоа сакам да одам во Канада или САД за да продолжам со моето образование. Тука времето го поминувам посетувајќи ги другите Авганистанци и читајќи книги“, рече Сидики.
30-годишниот Мохамад Тамим Раискаил нагласи дека бил припадник на безбедносните сили во Авганистан и дека неговото останување во Авганистан било опасно за неговото семејство.
Авганистанскиот државјанин, 35-годишниот Делавар Делавар, кој не сакаше да зборува пред камерите, рече дека брзо се адаптирал на новиот живот и дека го чека завршувањето на процедурите за мигрирање во САД.
Инаку, во Албанија досега пристигнаа 607 авганистански државјани, а земјата ќе прими околу 4.000 Авганистанци.