Admir Fazlagikj
21 Јануари 2016•Ажурирај: 22 Јануари 2016
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Македонската јужна граница е повторно отворена за бегалците, протокот на бегалци се одвива редовно и без застој. На самиот македонско-грчки граничен премин мала група од неколку десетици бегалци чека за влез, откако ќе се заврши нивната регистрација тие ја поминуваат границата и влегуваат на територијата на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова го потврдија од Министерството за внатрешни работи за АА, велејќи дека протокот на бегалци се одвива по редовна постапка и непречено.
Откако ќе ги покажат документите за идентификација и ќе ја наведат крајната дестинација, односно, како што велат од МВР, потребно е "да ја наведат земјата од ЕУ во која што сакаат да патуваат".
Откако ќе се изврши процесот на регистрација, бегалците се пропуштаат кон прифатниот бегалски камп во Гевгелија, каде им се обезбедува потребната хуманитарна помош.
Исто така, од МВР наведуваат дека причината за вчерашното затворање на границата за бегалците е барањето на Словенија за намалување на бројката на бегалците поради проблемите со железничката пруга.
Група од околу 350 бегалци која вчера остана во Прифатниот центар за бегалци во Гевгелија, со мини автобуси и такси превоз замина кон македонскиот северен граничен премин Табановце, а за оние кои денеска пристигнуваат активистите кои се присутни во прифатниот центар велат дека ќе биде обезбеден превоз со воз, откако ќе се пополни потребниот број.
Моментално, во Прифатниот центар за бегалци има околу 200 бегалци, на кои им е обезбедена потребната хуманитарна и медицинска помош.
Во Прифатниот транзитен центар за бегалци "Винојуг" во Гевгелија, присутни се полициски службеници од странските земји, од Србија и Унгарија, кои им помагаат на македонските колеги во извршувањето на потребните активности за регистрирање на бегалците.
Од МВР информираат дека во изминатите 24 часа не се издадени потврди на странски државјани за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.