Hatice Şenses Kurukız
27 Декември 2015•Ажурирај: 28 Декември 2015
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, тврди дека терористичките организации ДАЕШ, ЈПГ и ПЈД претставуваат орудие за борба на глобалните сили во Сирија, и дека ПКК во Турција, е истото тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган во Истанбул им се обрати на присутните на свеченото одбележување на тридецениската работа на фондацијата "Бирлик", и во таа пригода ја коментираше актуелната ситуација во Турција и регионот.
"Нека не се обидува некој некого да измами. ДАЕШ, ПЈД и ЈПГ и сличните организации се само орудие за борбата на глобалните сили во Сирија. ПКК кај нас, е истото тоа. Нема никаква разлика", рече Ердоган.
Укажувајќи на глобалниот проблем на тероризмот во светот, Ердоган рече дека муслиманите денес имаат исклучително важна задача да се изборат и да не дозволат организации како ДАЕШ, Ал Каеда, Боко Харам или Ал-Шабаб да го злопотрбуваат исламот нанесувајќи им најголема штета токму на муслиманите.
"Тие организации со своите активности ништо добро не им носат на муслиманите, освен што им даваат повод на некои други сили да интервенираат. Грубите интервенции ќе траат сè додека не станеме и не ги спречиме терористичките проекти. Муслиманите веќе не можат, ниту пак треба да трпат понижувања. Мораме повеќе да работиме на будењето на таа свест во целиот исламски свет", порача Ердоган.
Осврнувајќи се на руските воздушни напади во Сирија, Ердоган рече дека многупати ги прашал руските лидери што прават во Сирија и Ирак и дека секогаш добивал одговор дека тоа го прават во согласност со меѓународното право, бидејќи добиле такво барање од страна на тамошните власти.
"Не се обврзани да се одзвијат на властите на сирискиот режим ,кој досега има убиено над 400.000 луѓе. Доколку со своите интервенции и присуство го поддржувате тој режим, вие всушност на некој начин ги поддржувате и тие злочини", рече Ердоган.
Првиот човек на Турција, Ердоган, смета дека една од главните причини поради кои Сирија се наоѓа во актуелнава ситуација е и фактот што влијателните земји поради своите агенди и интереси различно гледаат на сириското прашање.
"Денес нештата многу поинаку би изгледале доколку Западот имаше храброст порешително да ја поддржи опозицијата која го претставува сирискиот народ, но се "запалија" и "заплакаа" дури кога бегалците стигнаа на нивна врата. Турција не ги гледаше така работите. Ја отворивме вратата и во моментов згрижуваме 2,2 милиони сириски и 300.000 ирачки бегалци", порача Ердоган.