Ivana Ramadanova
30 Март 2016•Ажурирај: 31 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија (TAIEX), а во соработка со Народниот правобранител на Република Македонија, денеска и утре во Скопје ќе се одржи работилница на тема „Употреба на сила од страна на полицијата“
На работилницата присуствуваше Народниот правобранител, Иџет Мемети, кој истакна дека измените во Законот се во спротивност и со утврдените стандарди од страна на Комитетот за спречување тортура, особено во врска со воведување на дополнителните средства за присилба како што се електричниот парализатор и гумените куршуми.
„Сметам дека нема потреба од гумени куршуми или електричен парализатор за одржување на редот и мирот. Стандардите не дозволуваат овие мерки за присилба да се применуваат кон толпа туку само кон поединци, а според Комитетот за превенција од тортура користењето на овие средства само заради одржување на редот и мирот се смета за неприфатливо”, кажа Мемети.
Според Мемети, и во Извештајот на Европската Комисија за Република Македонија од 2015 година дадени се забелешки на измените на Законот за полицијата во делот на употребата на средства за присилба, повикувајќи се на укажувањата на Народниот првобранител.
На работилницата беа присутни и претставници од полициските оддели на Германија, Литванија и Белгија кои зборуваа за искуствата од користењето на сила од страна на полицијата, додека за работата на Омбудсман инсититуциите на полето на полициските овластувања зборуваа преставници на Канцелариите од Албанија, Турција, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.