Saadet Firdevs Aparı
01 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
ИСТАНБУЛ
Саадет ФИРДЕВС АПАРИ
Познат по адаптацијата на тематската музика од серијата „Game Of Thrones“ („Игра на тронови“), Максим Мрвица е пијанист и носител на титулата изведувач на најпродаваните албуми на класична - кросовер (crossover) музика. „Инспирацијата за музиката повторно ја земам од самата музика. Изработувајќи нова музика и изведувајќи нешто на бината, инспирацијата доаѓа од самата музика“, рече Мрвица.
Мрвица во концертната сала „Џемал Решит Реј“ во Истанбул се состана со љубителите на музиката. Во врска со својата кариера, Мрвица разговараше со новинарот на АА на кој му изјави: „Се обидов класичната музика да ја интерпретирам на еден поинаков начин, бидејќи младите не покажуваат голем интерес за класичната музика. Ако продолжи вака, ќе дојде ден кога нема да остане никој кој ќе ја продолжи традицијата“.
Мрвица го имал својот прв јавен настап на 9-годишна возраст, а на 12 години го изведува својот прв концерт со оркестар. Музичка академија завршил во Загреб, а се усовршува на Конзерваториумот во Будимпешта. Тој изјави дека пред 15 години одлучил да се пренасочи кон друг профил на слушатели и решил да создава кросовер музика.

Истакна дека со светлосно шоу, на еден поинаков стил, се обидел на денешната младина да ѝ ја презентира класичната музика и додаде:
„Наместо црно одело, имав сина коса и различна гардероба. Тоа го сторив бидејќи забележав дека младината полесно воспоставува врска со уметниците кои изгледаат како нив. Класичната музика има сериозна и ладна атмосфера. Помислив дека младите не ќе можат да воспостават врска во таков сличај. Поради тоа почнав да ја менувам и самата музика. Посакав да се обидам нешто ново, да истражувам, да доживеам ново искуство.“
- „Инспирацијата за музиката повторно ја земам од самата музика“
Максим Мрвица истакна дека се чувствува многу среќен бидејќи се занимава со уметност и музика. „Секој ден кога ќе се разбудам, ги правам работите што ги правеле најталентираните луѓе во историјата, како што се Бетовен и Бах, и ги свирам тие партитури. Тоа е секогаш интересно. Никогаш не е здодевно, бидејќи не е работа што се повторува. Секојпат станува збор за различен концерт, изведување на различни музички дела, соочување со различна публика. Јас сум многу среќен“, рече Мрвица.
Истакнувајќи дека е многу тешка споредбата на класичната и кросовер музиката, Мрвица изјави: „Кросовер е музика која при изведба пред публика од 10.000 лица создава голема енергија, а да се биде на бината под сите тие светла е многу возбудувачки. Класичната музика ја изведувам од 9 години и затоа таа има посебно место кај мене.“
Успешниот музичар за неговиот нов албум „New Silk Road“ („Новиот пат на свилата“) изјави:
„Патот на свилата е еден од најголемите проекти во историјата. Тој ги поврзува Истокот и Западот. Сметам дека тоа е многу интересно. Во албумот има мелодија која започнува во Кина, па преку Русија се протега до Индија, Европа и потоа повторно се враќа во Кина. Има повеќе мелодии кои овозможуваат музичко патување низ овие земји. Во 7-минутните дела вие патувате низ различни земји и нивните различни карактери. Затоа помислив дека би било интересно името на албумот да биде Патот на свилата“.
Подвлекувајќи дека животот и духот им ги посветил на музиката, Мрвица продолжи со зборовите: „Инспирацијата за музиката повторно ја земам од самата музика. Инспирацијата и при создавање нова музика и при интерпретацијата на сцената доаѓа од самата музика“.
- „Војната влијаеше на мојот живот, а не на музиката“
Мрвица, кој е познат и како најбрз пијанист во светот кој може во една секунда да отсвири 16 ноти, истакна дека талентот и работата се нешта што се надополнуваат меѓусебно. „Не можете да напредувате ако недостасува едното од нив. За да бидете добар и успешен музичар, имате потреба од двете. Упорноста и трудољубивоста можете да ги стекнете и подоцна, но верувам дека талентот доаѓа со раѓањето. Доколку би бил принуден да изберам нешто од нив, најверојатно би го избрал талентот, бидејќи со работата можете да започнете и подоцна. Ако се родите без талент, тогаш нема да има што да ставите на негово место“, рече Мрвица.
Максим Мрвица е роден на 3 мај 1975 во Шибеник. За себе го кажа следното:
„За да дојдам до она што сум денес, ми беше потребно многу време. Жртвував многу нешта и многу работев и затоа денес сум многу среќен. Секој човек со своите амбиции размислува што би можел да направи и себеси секогаш се споредува со подобрите. Јас сум среќен човек кому многу нешта му се оствариле во животот. Никогаш моето семејство или моите пријатели не ми помогнале во мојата кариера. Сѐ постигнав сам, но истовремено постојано размислував дека можам да направам повеќе и размислував дека сум отворен за нови нешта. Заедно со тоа, знаев да се задоволам со она што го имам и да бидам среќен, бидејќи за тоа изминав многу патишта.“
Уметникот рече дека на млада возраст бил сведок на војната што се случи во Хрватска. „Војната влијаеше на мојот живот, а не на музиката. Го смени аспектот на моето гледање. Ми овозможи да забележам што е значајно. Станав нов човек. Долго време живеев во подруми и засолништа. Тоа беше опасно време, но како што секогаш велам, она што нема да ве убие, ќе ве зајакне. Тоа ме направи посилен“, рече Мрвица.
Истакнувајќи ја својата љубов кон Истанбул, музичкиот уметник рече: „Мислам дека за првпат дојдов пред 3 години. Многу ми се допадна. Ова е град со многу различна енергија. Подоцна стекнав пријатели тука. Дури имам чекано и Нова година тука. Особено многу ми се допаѓа баклавата“.