Adel Ömeragiç
30 Јули 2016•Ажурирај: 31 Јули 2016
ПОДГОРИЦА (AA) - Адел Омерагиќ
Драган Вујачиќ од Подгорица, вљубеник во музиката и во грамофонските плочи е еден од ретките на просторот на Црна Гора што можат да се пофалат со бројот на грамофонските плочи. Слушајќи музика со децении, Драган, а подоцна и неговиот син Дражен, собрале повеќе од пет илјади плочи.
Во куќата на семејството Вујачиќ, во просторијата каде се сместени плочите можат да се најдат сите музички жанрови.
За секого има по нешто, од музиката што беше популарна во шеесеттите, па сè до најновите изданија. И сето тоа на грамофонските плочи.
- Плочите ги собира четири децении
Драган е вистински вљубеник во музиката. Во разговор за АА истакнува дека пред четири децении почнал да собира плочи и така стасал до бројката од преку пет илјади. По неговите чекори продолжил и синот Дражен, кој благодарение на широкиот круг пријатели и денес собира плочи од бразилската, кинеската и од многу други продукции.
„Ги нарачував плочите од Англија, од Лондон и од Манчестер. Тоа чекање имаше посебен копнеж, како некој да ви ја подарил таа плоча кога ќе стаса по дваесеттина дена. И тогаш сите дома слушаа плочи, друштвото се собираше. Просто уживам во музиката и затоа нека не ве чуди од каде преку пет илјади плочи“, вели Драган.
Низ шега порачува дека една плоча вреди грам злато, па неговата колекција од пет илјади плочи еднаква е како вредноста од пет килограми злато.
„За некого овие плочи не претставуваат ништо, но за мене тоа е сè. Тоа е љубов, страст. Јас и денес трагам по некои плочи што не успеав да ги најдам. И кај мене нема стари плочи и нови плочи“, ја раскажува својата приказна овој Подгоричанец.
- Ги запознал своите музички идоли
Вели дека ги запознал своите музички идоли, Бора Ѓорѓевиќ, Дадо Топиќ, Јосипа Лисац и други. На многу плочи се наоѓаат потписи на автори, со напишана посвета за Драган.
На прашањето каква е разликата меѓу слушањето музика пред 40 години и сега, Драган истакнува дека се изгубила културата на слушањето музика.
„Некогаш беше да слушаш песни, да му се посветиш на тоа и да го знаеш секој тон. А ова сега, одат по ред песните, нема никаков мерак, бидејќи едноставно, за една минута можете да го симнете целиот албум. Некогаш беше поразлично, се нарачуваа плочи, па тогаш она време додека чекавте да ви стасаат во вас будеше радост. Сега е сè поинаку“, вели Драган.
Се присетува и на ситуации кога го запознал шефот на магацинот на „Југотон" некогаш најголемата издавачка куќа.
„Кога тој виде дека знам сè за музиката, добив од него некои плочи што никогаш не успеав да ги добијам претходно. Тоа за мене беше среќа“, истакнува Драган.
Вели дека плочите и денес можат да се најдат и дека сите нови бендови сега издаваат албуми и на плочи.
- И синот Дражен продолжи по чекорите на татко му
Голем вљубеник во музиката е и Дражен, синот на Драган. Исто како неговиот татко, и тој ја продолжил традицијата на собирање плочи.
„Слушаме музика од Кина, Бразил, од сите меридијани. И слушајќи ја нивната музика, културата на тие народи нам ни е поблиска. Музиката е сосема директна, таа буди емоции кај секој човек“, вели Дражен.
Во колекцијата на Драган и Дражен се наоѓаат најголемите хитови од домашната и од странската музика. Тука се Ролингстоунс, Битлси, како и многу други групи.
За колекционерство од ваков вид, освен љубов, потребни се добар уред, звучник, грамофон.
Сето тоа чини околу 1.000 евра, потоа една плоча денес чини околу 15-20 евра, што покажува дека тоа не е евтин „спорт“, порачуваат од семејството Вујановиќ.