İdris Okuducu,Hamit Hüseyin
09 Ноември 2016•Ажурирај: 10 Ноември 2016
МОСУЛ (АА) - Девојчето Мелек и нејзината мачка Фреш се дел од големиот број цивили кои овие денови бегаат од Мосул, ирачкиот град кој се наоѓа под контрола на ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако се засилија уличните борби меѓу ирачките сили и припаднците на терористичката организација ДЕАШ во населбите од источниот дел на градот, секој сен, сѐ повеќе цивили ги напуштаат своите домови и бегаат во побезбедни подрачја.
Цивилите кои се наоѓаат помеѓу двете завојувани страни, ги земаат само најосновните работи, но и она што најмногу го сакаат, и бегаат кон патниот правец Мосул – Ербил, од каде што силите на Пешмергите ги упатуваат кон побезбедни подрачја. Откако ќе ги поминат контролите и претресот, цивилите се префрлуваат во бегалските кампови формирани од ирачката Влада и од Обединетите Нации (ОН).
И седумгодишната Мелек беше меѓу луѓето што чекаа да добијат одобрување за да заминат во кампот Хазир, на 40 километри од Мосул. Таа одлучи да ја земе со себе својата најдобра пријателка – мачката Фреш.
Мелек, која со семејството го чекаше военото возило, на новинарот на АА му кажа дека многу ја сака својата мачка и дека никогаш не ја остава сама.
„Со семејството ја напуштив куќата. Не ми е жал за мене, туку за Фреш. Таа да спие дома, да не ѝ е ладно. Ако треба, јас ќе спијам надвор“, вели Мелек.
Таа се пожали дека поради припадниците на ДЕАШ не можела да си игра надвор од куќата.
„Не можев да одам на училиште. Не можев да си играм надвор. Затоа врската меѓу мене и Фреш стана посилна. Никогаш не се одвојува од мене“, појасни девојчето.
Сепак, со тага додаде дека имала и кученце, кое не можела да го земе со себе во бегство.
„Не можев да го земам. Не знам што му се случило. Можеби загинало“, со болка во гласот рече девојчето.Пријателството меѓу девојчето и мачката го забележаа и припадниците на силите на Пешмерга.
„Кога бегаат, луѓето мислат само на тоа како да се спасат, а Мелек се сожали на мачката“, изјави еден од нив.