Barry Ellsworth
11 Ноември 2016•Ажурирај: 12 Ноември 2016
ТРЕНТОН (АА) - Музичката легенда Леонард Коен почина вчера, на 82-годишна возраст, јавува Anadolu Agency (AA).
Канадскиот пејач и кантавтор беше глобален феномен, чии концерти секогаш беа распродадени, без оглед на тоа каде настапуваше.
Смртта на пејачот од Монтреал беше потврдена од страна на музичката издавачка куќа „Сони мјузик Канада“ и беше објавена на неговата официјална фан-страница на Фејсбук.
„Со длабока тага известуваме дека легендарниот поет, текстописец и уметник, Леонард Коен почина“, се вели во објавата на социјалната мрежа. „Загубивме еден од најпочитуваните и најплодните визионери во музиката“.
Канадската корпорација за емитување соопшти дека градоначалникот на Монтреал, Денис Кодер објави оти ќе бидат спуштени знамињата на половина копје во чест на Коен.
„Вечерва загубивме еден од нашите најголеми амбасадори, Леонард Коен“, објави Кодер на Твитер. „Знамињата ќе бидат спуштени на половина копје“.
Списанието „Ролинг Стоун“ го нарече Коен „темна еминенција меѓу малиот пантеон на екстремно влијателни пејачи-композитори кои се појавија во шеесеттите и почетокот на седумдесеттите“.
Коен ја заврши неговата последна светска турнеја на 21 декември 2013 година.
Наскоро потоа, неговото здравје почна да слабее.
И покрај тоа, Коен го издаде својот последен албум „You Want It Darker“ на 21. октомври.
Во октомври, Коен за списанието „Њујоркер“ изјави дека е подготвен да умре и дека не му е грижа што мислат другите за неговата работа.
„Како што се приближувам кон крајот на мојот живот, сѐ помалку ме интересира да ги истражувам и евалуирам мислењата околу значајноста на нечиј живот и нечија работа. Не бев таков ниту кога бев здрав“. Подготвен сум да умрам. Се надевам не е премногу непријатно“, изјави тогаш Коен.
„Планирано е комеморацијата да се одржи во Лос Анџелес, но датумот сѐ уште не е одреден“, се истакнува на неговиот официјален профил на Фејсбук.