Ekipa
21 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
АНКАРА (АА) - Џеки Чен од Тајван, кому сон му е со велосипед да го обиколи светот, овие денови престојуваше во Турција, која е 33-та земја на неговата маршрута.
На патот околу светот, Чен замина од Алјаска во 2015 година и пристигна во Турција во почетокот на март. Тој планира за пет години да посети повеќе од 100 земји, но донесе одлука за продолжување на уште една година, така што во 2021 година треба да пристигне во Тајван.
За Anadolu Agency (AA) соопшти дека на Фејсбук (Facebook) ја направил страницата „Jacky Chen - Go or Die“, со желба да им го покаже светот на пријателите и да биде пример за младите.

Свесен за тешкотиите со кои може да се соочи, Чен своето патување го планирал две години, собирал пари, а потоа конечно ја напуштил работата на електроинженер.
„Причината поради која тргнав на пат е мојата желба со пријателите да ги споделам убавините на светот и да го реализирам мојот сон со велосипед да го обиколам светот“, рече тој.
Откако ја поминал Америка, Чен со авион преминал во Европа.
„Поради временските услови, ги посетив само земјите во јужниот дел на Европа. Кога дојдов во Турција, ме дочека снег и ладно време. Тоа беше најтешката точка на моето патување“, додаде тој.
Освен неповолните временски услови во Турција, Чен на патувањето во текот на изминатите три години се сретнал со бројни авантури.
Често кампувал додека поминувал низ Алјаска и Канада.
„За време на патувањето се сретнав со мечки, но не ме нападнаа“, рече Чен.
Во Ванкувер (Канада), неговиот велосипед бил украден, но бил пронајден следниот ден.
Спонзор му е тајванска компанија, која во Мексико му дала нов велосипед, а му помага и да го сервисира велосипедот во земјите во кои патува.

Чен се уверил во гостопримството на луѓето во земјите низ кои минувал, особено во Турција, каде што бил поканет на ручек во домот на едно семејство.
Додека кампувал на одредени места, луѓето секогаш му нуделе чај. Тој рече дека немал безбедносни проблеми, а особен впечаток му оставиле Истанбул и Измир.
По Турција има намера да се врати во Бугарија, од каде што ќе патува кон Северна Европа, а потоа во Африка. Има намера да ги посети земјите од Кавказот, Централна и Јужна Азија и Пацификот.
Кога ќе се врати дома, планира да направи план за нови авантури, но моментално е фокусиран на патот низ светот.
Неговиот сон е по завршувањето на патувањето низ светот да напише книга за своите авантури, но и да одржи предавања во повеќе училишта.