Halis Sünnetci
18 Ноември 2026•Ажурирано: 18 Ноември 2026
Јапонската фудбалска асоцијација (ЈФА) официјално ја достави кандидатурата на својот почесен претседател Козо Ташима за претседател на ФИФА, соопшти денес јапонското фудбалско раководно тело, јавува Анадолу.
ЈФА соопшти дека вчера пратила писмо до ФИФА, откако нејзиниот Управен одбор едногласно ја одобрил кандидатурата на Ташима на состанокот одржан на 5 ноември.
Шеесет и осумгодишниот Ташима, кој беше претседател на ЈФА од 2016 до 2024 година, ја доби поддршката од пет национални фудбалски асоцијации, со што го исполни минималниот услов за поддршка за учество на изборите.
ФИФА сега ќе ја разгледа подобноста на Ташима и на другите номинирани кандидати, пред официјално да ги објави одобрените кандидатури.
Ташима им се заблагодари на претседателот на ЈФА, Цунејасу Мијамото, на Управниот одбор на федерацијата и на националните асоцијации што ја поддржаа неговата кандидатура.
Тој рече дека развојот на јапонскиот фудбал и неговото сè поголемо меѓународно признание придонеле за поддршката на неговата кандидатура.
Ташима, исто така, вети дека ќе го зајакне управувањето во ФИФА и ќе ја зголеми транспарентноста, потпирајќи се на искуството на Јапонија во фудбалската администрација.
„Би сакал да го искористам ова искуство за да промовирам посилно управување и потранспарентно организациско раководење во ФИФА“, рече тој.
Тој ја истакна и важноста на фер-плејот, почитувањето и интегритетот, ветувајќи дека ќе ги прошири можностите децата да играат фудбал во безбедна средина.
Ташима рече дека ќе настојува ФИФА да стане поздраво и подоверливо тело и дека ќе придонесе за развојот на фудбалот во светот.
Изборите за претседател на ФИФА се закажани за 18 март 2027 година, на 77. Конгрес на ФИФА во Рабат, Мароко, каде што претставниците на 211 членки на организацијата ќе го изберат следниот претседател.
Ташима се подготвува да му се спротивстави на актуелниот претседател Џани Инфантино, кој ја предводи ФИФА од 2016 година. Меѓу другите кандидати што досега најавија кандидатура се претседателот на Француската фудбалска федерација, Филип Диало и поранешниот капитен на швајцарската репрезентација, Рамон Вега.