Ekipa
20 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
НАJРОБИ (АА) - Судан, последниот мажјак на северниот бел носорог во светот, почина од старост во кенискиот резерват „Ол Пејета“, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Со длабока тага резерватот „Ол Пејета“ и зоолошката градина „Двур Кралове“ известуваат дека Судан, последниот мажјак на северниот бел носорог, почина на 45 години во Кенија“, се вели во соопштението.
Извршниот директор Ричард Вигне изјави дека ветеринарите го следеле Судан поради проблемите предизвикани од староста, пред да му се влоши здравствената состојба која предизвикала сериозни болки во мускулите и кожата.
„Службата за заштита на дивите животни во Кенија, резерватот „Ол Пејета“, зоолошката градина „Двур Кралове“ и ветеринарниот тим донесоа одлука да го еутаназираат Судан“, рече Вигне.
Персоналот на резерватот ќе продолжи да се грижи за двете женки на северниот бел носорог, Наџин и Фату кои, исто така, се соочуваат со здравствени компликации и не се способни за репродукција.
Вигне истакна дека е тажен поради фактот дека смртта на Судан значи сигурно изумирање на оваа единка која, како што рече, некогаш се размножувала низ Северна Африка.
Експертите тврдат дека Судан имал 45 години (човечки над 100 години) и бил премногу стар за природна репродукција.
Неговото семе беше зачувано со надеж дека еден ден науката може да успее да го врати во живот овој редок вид животно.