Aysu Biçer
18 Ноември 2026•Ажурирано: 18 Ноември 2026
НАТО поведе мултинационална вселенска иницијатива чија цел е да обезбеди сигурен пристап до комерцијални услуги за лансирање сателити за воени потреби, при што 10 земји членки на Алијансата и Јужна Кореја се обврзаа да го финансираат проектот, јавува Анадолу.
Иницијативата „СТАРЛИФТ“ беше објавена вчера на конференцијата „НАТО ЕЏ 26“ во Измир, Западна Турција, се наведува во соопштението на Алијансата.
Десет сојузници во НАТО – Белгија, Канада, Финска, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Шведска, Турција и Обединетото Кралство – заедно со Јужна Кореја, се обврзаа да ја финансираат иницијативата преку Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО (НСПА).
Целта на „СТАРЛИФТ“ е да ја зајакне соработката меѓу земјите учеснички, комерцијалните оператори за лансирање и космодромите, со што пристапот до вселената ќе стане поотпорен, пофлексибилен и поисплатлив.
Иницијативата ќе им обезбеди на воените корисници услуга за лансирање што ќе им помогне да резервираат термини на комерцијални ракети, користејќи мрежа на космодроми во земјите членки на НАТО и во Јужна Кореја.
Се очекува тестирањата и експериментите во рамките на иницијативата да придонесат за унапредување на инфраструктурата и логистиката за лансирање на сојузниците, истовремено поттикнувајќи размена на најдобри практики во вселенскиот сектор.
Координацијата на управувањето со воздушниот и поморскиот сообраќај, исто така, ќе придонесе за безбедно изведување на редовните лансирања и на оние што се најавуваат во краток рок.
Со обединување на побарувачката и координирање на потребите земјите учеснички имаат цел да го подобрат пристапот до услугите за лансирање и да поттикнат инвестиции во вселенската индустрија.