Ivana Ramadanova
16 Јуни 2017•Ажурирај: 17 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Делегацијата на Европската Унија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска во Скопје ја претставија новата Регионална програма за локална демократија, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа програма вредна 10 милиони евра е финансирана од страна на Европската Унија и ќе биде спроведена од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во текот на наредните 36 месеци, во шест земји и територии во Западен Балкан.
„Програмата има за цел да ги зајакне локалните партиципативни демократии со тоа што ќе се овозможи соработка со граѓанските организации за социјални и интегративни проекти“, изјави шефот на одделот за соработка на Европската Унија, Никола Бертолини.
Се очекува во текот на следните три години, оваа програма да помогне да се финансираат и да се спроведат околу 200 проекти од јавен интерес во регионот Западен Балкан, со што ќе се подобрат услугите и квалитетот на живеење на над 40.000 лица.
„Граѓанските организации што работат на локално ниво имаат потреба од повеќе ресурси. Локалните власти треба да развијат потранспарентни начини, базирани врз заслуги, доделување на средства на граѓанските организации. Новата програма ќе работи со двете страни за да најде решение за овие предизвици, а во исто време ќе го следи спроведувањето на голем број проекти од јавен интерес во изборните општини“, изјави постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.
Дополнително, програмата ќе помогне да се промовира и да се подобри дијалогот и соработката меѓу граѓанските организации и општините во Западен Балкан, преку регионални настани, директна размена на искуства и јакнење на капацитетите за управување со грантови.