Senada Ibraimova
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во Археолошкиот музеј на Македонија се одржа промоција на книгата – монографија „Македонските бронзи: религијата и митологијата на железнодобните заедници од Средниот Балкан“ на проф. д-р Никос Чаусидис. Монографијата ги обработува македонските бронзи – археолошки предмети од VIII – VI век пр.н.е., пронајдени во Македонија и во соседните балкански региони, кои се користеле, пред сè, како накит со симболичка и со култна намена, јавува Anadolu Agency (AA)
Професорот Чаусидис, кој предава на Институтот за Историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, изјави дека, оваа тема ја поттикнал еден негов труд уште пред 30 години, за на крај по подлабоко и темелно истражување да прерасне во монографија.
„Станува збор за предмети од железното време, од околу пред 2 илјади 500 години, од територијата на Македонија, не само Република Македонија, туку и географска Македонија. Овие предмети се поврзани со религијата, магијата, митологијата, кои биле носени на телото од страна на жени на ритуали и церемонии. Јас врз основа на обликот на тие предмети анализирам што стои зад нив, односно какви верувања, каква религија, какви евентуални боженства“, рече Чаусидис.
Монографијата ги обработува македонските бронзи – археолошки предмети од VIII – VI век пр.н.е., пронајдени во Македонија и во соседните балкански региони, кои се користеле, пред сè, како накит со симболичка и со култна намена.
Преку анализа на формата, значењето и на намената на овие наоди, како и преку нивно споредување со пишаните извори и со соодветни традиции присутни во други култури, авторот се стреми да реконструира некои аспекти од религијата и од митологијата на популациите што ги произведувале и што ги користеле овие предмети.
На промоцијата беа претставени содржината на оваа електронска книга и алатките за нејзино интерактивно читање и пребарување.
Издавач на монографијата е Центарот за истражување на предисторијата, а промоцијата е во соработка со Археолошкиот музеј на Македонија и ансамблот „Македонија“.