Dzihat Aliju
26 Октомври 2021•Ажурирај: 28 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржа манифестацијата „Денови на промоција на Афјонкарахисар“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Манифестацијата поддржана од Институтот „Јунус Емре“ - Скопје се одржа во Куршумли Ан, еден од важните споменици од османлискиот период.
На настанот присуствуваа градоначалникот на турскиот град Афјонкарахисар, Мехмет Зејбек, амбасадорот на Република Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на Турската демократска партија (ТДП) и пратеник Бејџан Илјас, претседателот на Турското движење за национално единство (ТМБХ), Ердоган Сарач, и претставници на турските институции и организации во земјата и граѓани.
Зејбек во изјавата за медиумите истакна дека Афјонкарахисар е општина во внатрешниот дел на Егејот, со централна локација, каде што се вкрстуваат автопатите и државните железници.
Истакнувајќи дека општината имала речиси 620 локални производи во 2019 година кога ја презел функцијата градоначалник, Зејбек нагласи дека дел од производите ги регистрирале во Турскиот институт за патенти и дека уште 30 производи чекаат на нивната регистрација.
Потсети дека во јуни 2019 година аплицирале во УНЕСКО за да ги истакнат локалните производи, Зејбек додаде:
„Од 31 октомври 2019 година, од страна на УНЕСКО сме прогласени за гастрономски град и се наоѓаме меѓу 36-те градови од светот. По Хатај и Газиантеп ние сме трет град во Турција што е прогласен за гастрономски. Откако бевме прогласени за гастрономски град од страна на УНЕСКО имаше некои барања. Сите тие барања ги исполнивме едно по едно.“
Зејбек, наведувајќи дека Општината Афјонкарахисар сакала да се промовира во странство во 2020 година, рече дека морале да ги одложат тие активности поради пандемијата на Ковид-19, што го зафати светот.
Потсетувајќи дека Меѓународниот фестивал за туризам и гастрономија Афјонкарахисар се одржа меѓу 14 и 17 октомври, Зејбек рече дека минатата недела својата прва меѓународна промоција ја реализирале во Босна и Херцеговина.
Градоначалникот Зејбек истакна дека во рамките на промоцијата ќе дадат информации за локалните производи и вкусови на Афјонкарахисар.
„Наша цел е да ги вкусите нашите локални деликатеси. Следната пролет планираме да го направиме тоа и во Шуша, последниот ослободен град на Карабах. Треба да се реализира и во Белгија и Франција. Во наредните денови ќе го направиме и тоа“, додаде градоначалникот Зејбек.
Како дел од настанот, на гостите им беше претставена салата специфична за Афјонкарахисар, шербет од цреши, тандори чорба, мусака од модар патлиџан и разни други главни јадења.