АНКАРА (АА) ‒ Јавниот радиодифузен сервис на Туркије (Турција), ТРТ, свечено ја претстави и отвори новата дигитална платформа за вести, ТРТ Балкан, која ќе покрива политички, социјални, културни и економски прашања од Балканот, јавува Агенција Анадолија (АА).
ТРТ Балкан ќе известува за сите важни настани од Балканот и пошироко на македонски, босански, хрватски, српски и на албански јазик и ќе емитува приказни поврзани со културата и животот на овие простори.
Мехмет Захид Собаџи, генералниот директор на Турската радио-телевизија (ТРТ), по повод промоцијата на ТРТ Балкан во Анкара, рече дека преку споделување во јавноста на дискурсите кои се интегрирани во совеста на човештвото, ТРТ Балкан ќе придонесе за средба на различни идентитети и култури под заеднички морални и совесни вредности.
Во својот говор Собаџи истакна дека како јавен радиодифузен сервис на Туркије, со голема жар продолжуваат со проширувањето на својата меѓународна радиодифузна мрежа.
Тој посочи дека на полето на меѓународните медиуми и радиодифузијата, тезите и антитезите со години се хранат од ист извор, и истакна дека на светот му се потребни повеќегласност, различни перспективи и оригинални приказни.
Нагласувајќи дека како семејство на ТРТ се противат на централистичкиот, униполарен радиодифузен и медиумски систем во светот, Собаџи рече: „Во нашите програми, вистинското новинарство го поставуваме врз равенката на перспектива, длабочина и содржина. Ова, сосема природно, со себе носи да се биде на страната на оние кои се игнорирани, да се оди на места каде што никој не може да оди, [да се има] оригинално, автентично и инклузивно разбирање на емитувањето.“
‒ „Се стремиме да бидеме глас на обесправените географии, општества и поединци“ -
Истакнувајќи дека Туркије е прифатена како глас и засолниште на угнетените низ светот, особено во последните 20 години, благодарение на моќната дипломатија што ја покажа под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Собаџи додаде: „Ние, исто така, се стремиме да бидеме гласот на обесправените географии, општества и поединци, поставувајќи ги луѓето во центарот на нашиот издавачки пристап. Носиме што е можно повеќе приказни од различни делови на светот заедно со нашата публика на повеќедимензионален начин.“
Посочи дека методот, лицето, содржината и обемот на масовната комуникација постојано се менуваат во координација со технолошкиот развој: „Особено, за да отворите простор за себе во меѓународните медиуми, потребно е внимателно следење на новите технолошки достигнувања и дигитални навики. Во свет во кој дигиталните медиуми го зедоа местото на традиционалните навики за вести и гледачите можат да пристапат до сите извори на вести преку еден телефон, присуството на различни дигитални платформи е задолжително за сите медиумски организации.“
Собаџи информираше дека емитувањата на ТРТ, преку телевизиски и радиоканали и дигитални информативни платформи на 41 странски јазик и дијалект допираат до седум континенти во светот: „Сега, покрај ТРТ Ворлд и ТРТ на арапски, кои имаат многу сериозна публика и препознатливост во регионот и во светот, се емитуваат и TРT на германски, TРT на руски, TРT на француски [јазик], а од денеска почна да се емитува и нашата дигитална информативна платформа ТРТ Балкан, со што на милиони луѓе во светот продолжуваме да им обезбедуваме на мајчин јазик да допрат до праведни, непристрасни и различни перспективи.“
‒ „TRT Балкан ќе се бори со дезинформациите“ -
Изразувајќи задоволство што ТРТ Балкан го додаваат на платформите што на различни јазици се реализираат во многу региони во светот, Собаџи рече: „На Балканот медиумската конкуренција е доста компликувана. Покрај тоа, постои терен каде што јасно се чувствуваат црните пропагандни активности и структури, како што е крвавата терористичка организација ФЕТО, кои се обидуваат да воспостават сфера на влијание.
Воспоставувајќи повеќејазична платформа за дигитални вести во регионот, се противиме на целта на големите медиумски организации, кои со пристрасни вести, содржини и со дезинформации, се обидуваат да влијаат врз луѓето од регионот.
Како и на сите географии на кои им се обраќаме, TРТ Балкан ќе се бори против дезинформациите на Балканот и ќе настојува да достави точни информации до луѓето од регионот со новинарски пристап кој се фокусира на стратешките приоритети на Туркије. Ќе донесе нов и моќен глас меѓу балканските медиуми, како извор на непристрасно и полифонично известување. ТРТ Балкан ќе биде клучен во зближувањето на различните идентитети и култури под заеднички морални и совесни вредности, споделувајќи ги со јавноста дискурсите кои се интегрирани во совеста на човештвото. На Балканот, каде што се случија крвави војни и конфликти, ќе напредува по патот да стане гласот кој ќе ја активира совеста на меѓународната и локалната заедница.“
Истакнувајќи ја својата увереност дека содржините на ТРТ Балкан ќе продолжат секојдневно да се збогатуваат, Собаџи им се заблагодари на сите кои придонесоа во формирањето на платформата.