Bahattin Gönültaş
07 Декември 2024•Ажурирај: 09 Декември 2024
ДОХА (АА) - Министерот за трезор и финансии на Република Туркије, Мехмет Шимшек, изјави дека неговата земја станала глобално важна производствена база и дека во потполна смисла се фати во костец со предизвикот за континуиран напредок во синџирот на вредности, а што, како што рече, го потврдува и фактот дека Туркије во последните десет години речиси ги удвои своите инвестиции за истражувања и развој во последните десет години, јавува Анадолу.
Во главниот град Катар денеска започна дводневниот Доха Форум 2024, кој се одржува на тема „Потреба од иновации“ и собра еминентни учесници од целиот свет. Анадолу ја има улогата на глобален комуникациски партнер на 22-то издание на Форумот во Доха.
Ресорниот турски министер Шимшек присуствуваше на панелот насловен „Конкурентноста во ерата на паметни економии“.
Тој истакна дека Туркије реализирала значителни вложувања за да се подготви за технологиите на вештачка интелигенција.
„Ова вклучува вложувања во дигитална инфраструктура како што се оптичките линии, пристап до интернет, претплати за широкопојасна врска, како и во однос на човечкиот капитал“, рече Шимшек.
Наведувајќи дека Туркије е над просекот во развојот според Индексот на подготвеност за вештачка интелигенција на ММФ, кој опфаќа 174 држави, Шимшек нагласи дека би требало додатно да се инвестира во центрите за податоци.
Потсетувајќи дека Обединетите нации (ОН) подготвија индекс на подготвеност за пионерски технологии, Шимшек изјави дека Туркије предничи и по оваа основа.
„Мислам дека вистинскиот предизвик за нас е да се движиме нагоре во синџирот на вредности. Значи, ако ги погледнете последните десет години, речиси ги удвоивме нашите инвестиции за истражувања и развој. Односот на оваа потрошувачка во БДП е нешто повеќе од 1,4 отсто и уште е ниско во споредба со развиените економии. Повеќе од 50 отсто од неговите расходи ги чини приватниот сектор, но државата дава и големи стимулации“, рече Шимшек.
Додаде дека Туркије има повеќе од 1.300 истражувачко-развојни центри, повеќе од 300 дизајнерски центри и над 100 технопаркови.
„Значи, ова се некои од двигателите на екосистемот што ќе ни помогнат да се напредуваме во синџирот на вредности и да останеме конкурентни. Клучното прашање за нас е навистина дигитализацијата на малите и средните претпријатија. Затоа што тука навистина се појавува јаз во продуктивноста. Релативно големите компании или компаниите со средна големина се високо конкурентни. Но ние мораме да ја зголемиме конкуренцијата во помалите компании во иднина. Тука навистина важни ќе бидат дигиталните вештини. Од таа причина се обидуваме да осмислиме програми кои ќе им помогнат на помалите компании да ја зголемат продуктивноста преку зголемување на нивната дигитализација. Ова е најважниот предизвик за Туркије во иднина“, заклучи Шимшек.