Aldijana Hadzic
16 Јуни 2022•Ажурирај: 16 Јуни 2022
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Мевлут Чавушоглу, во Белград оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, со кого разговараше за билатералните односи, регионалните прашања, како и за натамошното унапредување на економската соработка, со посебен акцент на инвестициите, енергетиката и инфраструктурните проекти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„За време на средбата разговарано е и за потпишување договор со кој на граѓаните на Србија и Турција ќе им се овозможи да ги посетуваат двете земји само со лични карти“, се вели во соопштението на Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.
Вучиќ посочи дека Србија останува посветена на натамошно унапредување на соработката во сите области од заемен интерес и изрази задоволство од развојот на политичките односи меѓу двете земји кои се на највисоко ниво благодарение на интензивниот дијалог, довербата и заемната поддршка.
„Ние ја гледаме Турција како силен партнер и многу сме посветени на развивање и продлабочување на севкупните односи. Имаме заеднички економски интереси и важно ни е Турција да го помага развојот на помалку развиените делови на Србија со големи инвестиции“, рече Вучиќ и посочи дека високо го цени личниот придонес на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во билатералната соработка и носењето турски инвеститори во Србија.
Вучиќ истакна дека инфраструктурното поврзување е клучот за уште посилен економски развој и поголеми инвестиции, но и за соработка во целиот регион, а Автопатот Белград - Сараево - Белград е најважниот проект што ќе се реализира со финансиска помош на Туркије.
„Соработката на проектот за изградба и експлоатација на „Турски тек“, кој овозможува снабдување на регионот со природен гас, а чија реализација обезбедува диверзификација на патиштата и изворите на снабдување и ја подобрува безбедноста на снабдувањето на нашите земји и поширокиот регион, е исклучително важно за Србија“, порача претседателот на Србија, констатирајќи дека земјата е заинтересирана за продолжување на соработката во областа на енергетиката, но и во туризмот како сектор со голем потенцијал.
Вучиќ на средбата со турскиот министер за надворешни работи рече дека зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот е од клучен интерес за Србија и дека само интензивната соработка на сите земји од Западен Балкан може да овозможи просперитет и развој не само на Србија, туку и на сите околни земји.
Чавушоглу ги пренесе поздравите на турскиот претседател Ердоган, кој, како што најави, наскоро ќе ги посети Србија и регионот. Тој се заблагодари за големата поддршка што Србија ја дава на турските компании, како и за посветената работа на таа земја на постојаното подобрување на условите за инвеститорите.
Турскиот министер во Белград оствари средба и со српската премиерка Ана Брнабиќ, како и со претседателот на Народното собрание на Србија, Ивица Дациќ.