култура и уметност

Промовирана книгата „Мислителот и државник Алија Изетбеговиќ“

„Оваа книга претставува големо освежување. Војничката прецизност на генерал и систематичностa на професор адресира два елементи во ликот на Алија Изетбеговиќ, мислител и државник“, истакна Мухиќ.

Admir Fazlagic  | 08.09.2018 - Обновена : 10.09.2018
Промовирана книгата „Мислителот и државник Алија Изетбеговиќ“ (Foto: Bunjamin Kurtishi/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Во Даутпашиниот амам во Старата скопска чаршија денеска се одржа промоција на книгата „Мислителот и државник Алија Изетбеговиќ“ од авторите Фикрет Муслимовиќ и Селмо Цикотиќ, како и изложба на слики од Музејот „Алија Изетбеговиќ“, јавува Anadolu Agency (AA).

Организатор на промоцијата на книгата и на изложбата е Бошњачкиот истражувачки центар „Лилиум босниакум“ од Скопје во соработка со Музејот „Алија Изетбеговиќ“ од Сараево.

Селма Ризвановиќ-Мандал од Бошњачкиот истражувачки центар „Лилиум босниакум“ истакна дека нивната цел била да се промовира ликот и делото на Алија Изетбеговиќ како голем државник и голем мислител, кој има важна улога во историјата на бошњачкиот народ.

Аднан Жишко, директор на Музејот „Алија Изетбеговиќ“ од Сараево, изјави дека во изминатите две години по издавањето на книгата „Мислителот и државник Алија Изетбеговиќ“ започнале со промоции на оваа книга во БиХ и во регионот, а дека денешната промоција и изложбата се плод на соработката со Бошњаците од Македонија.

„Денеска можеме да кажеме дека почнавме сериозна приказна. Сето она што го правиме и презентираме во Босна и Херцеговина да биде присутно и во Македнија. Самите луѓе тука и нивната работа го заслужуваат тоа“, рече Жишко, додавајќи дека посетителите денеска ќе може да видат мобилна изложба на фотографии на Музејот „Алија Изетбеговиќ“ која е хронолошки распоредена, со што посетителите ќе бидат запознаени со сите сегменти од животот на Алија Изетбеговиќ.

Проф. д-р Ферид Мухиќ, филозоф и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија, беше еден од промоторите на книгата „Мислителот и државник Алија Изетбеговиќ“. Тој истакна дека Алија Изетбеговиќ беше една од најзначајните личности што го обликуваа Балканот во текот на последите децении.

Според Мухиќ, во книгата се анализира и мислата на Алија Изетбеговиќ во политичкото одредување на Босна и Херцеговина како држава и неговите политички одлуки.

„Оваа книга претставува големо освежување. Војничката прецизност на генерал и систематичностa на професор адресира два елементи во ликот на Алија Изетбеговиќ, мислител и државник. Таа анализа на крајот ја афирмира личноста која ја одигра можеби најзначајната улога во новата историја на Балканот, која не само што ја приведе кон крајот сто години долгата историја на негирање на Бошњаците, нивниот јазик и името на нивниот јазик, така што ги афирмираше и како народ и повторно го врати своето име и името на својот јазик“, истакна Мухиќ.

Исто така, Мухиќ посочи дека Алија Изетбеговиќ има придонес и кон универзалните вредности на човештвото, бидејќи како што рече, тој во исламот гледа голем придонес кон афирмација на хуманистичките вредности на човештвото, моралот, односот на разбирањето, толеранцијата, рационалноста и усогласување на човечкиот живот со неговите вредности.

Анес Ѓунузовиќ, кој беше еден од промоторите на книгата, рече дека Алија Изебеговиќ од својата рана младост размислувал за глобалните проблеми во светот, и настапувал од позиција на политички теоретичар, исламски филозоф, но и истакнат државник.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.