Ivana Ramadanova
31 Октомври 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија денеска во Скопје одржа прес-конференција на темата „Промоција на новоформираната Асоцијација на автомобилската индустрија при Советот на странски инвеститори“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Стопанската комора, дваесет компании од автомобилската индустрија, странски инвеститори во Македонија и нивни постојни и потенцијални домашни добавувачи, од денеска заеднички ќе ги промовираат интересите преку Асоцијацијата во рамките на Советот на странски инвеститори во државава.
Според Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори, ако се погледне пазарот на странски инвестиции во Македонија, може да се види силна претставеност на автомобилскиот сектор, додавајќи дека тоа било мотив повеќе да се формира автомобилска асоцијација во рамките на Советот на странски инвеститори.
„Во автомобилскиот сектор во Македонија веќе имаат инвестирано 20 компании, што е повисока стапка во однос на соседните држави. Осумдесет проценти од компаниите во слободните економски зони работат во автомобилската индустрија и вработуваат над 13.000 лица во државава и во овој сектор допрва треба да дојдат новите работи. Моменталната политичка криза во државата нема влијае врз автомобилскиот сектор, на што укажува и зголемениот промет во изминатите години“, рече Штефан Петер.
Според Аврам Стојчевски, претседавач на Асоцијацијата, странските инвеститори од автомобилската индустрија присутни во зоните и надвор од нив, веќе соработуваат над 500 домашни фирми, како добавувачи на услуги, потрошни материјали, репроматеријали.
„Целта на асоцијацијата е: како домашните компании да го зголемат процентот во репроматеријали, а со тоа да се зголеми и учеството во извозот, затоа што ако овие компании се 100 проценти извозно ориентирани, содржината во тој извоз сакаме да направиме да биде што повеќе македонска. Компаниите од автомобилската индустрија веќе имаат проблем со наоѓање квалификувана работна сила, поради што во иднина ќе соработуваат со образовните институции на сите нивоа“, додаде Стојчевски.