Alma Çekovic
31 Октомври 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
САРАЕВО (АА) - Министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Албанија, Игор Црнадак и Дитмир Бушати, денес остварија средба во Сараево по која истакнаа дека подобрувањето на односите меѓу двете земји е многу важно за иднината и за развојот на регионот, и повикаа на унапредување и зајакнување на економските односи меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак истакна дека БиХ и Албанија во последно време прават сѐ за нивните односи да се подобрат, а потврда на тоа е и оваа возвратна посета.
„Посетите зборуваат за посветеноста на Албанија и на Босна и Херцеговина односите да продолжат да се развиваат во позитивна насока. Констатиравме дека не постојат посебни проблеми во односите и дека е потребно да се направи сè, за во врска со одредени прашања да се направи нов напредок, во смисла на поголема корист за граѓаните на Албанија и на Босна и Херцеговина“, рече Црнадак.
„На состанокот на делегации на министерствата за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Албанија беше разговарано за економската соработка меѓу двете земји и за трговската размена“, рече Црнадак, но тој констатираше дека соработката не е на доволно високо ниво.
„Во моментов, трговската размена меѓу двете земји е околу 27-28 милиони евра. Во 2015 година, извозот беше околу 42 милиони конв. Марки, околу 11 милиони увоз од Албанија во Босна и Херцеговина, а заклучокот е дека треба да се направи сѐ што е можно од двете страни, за овој простор за економска соработка уште повеќе да се зголеми“, истакна Црнадак.
Зборувајќи за можностите за соработка, двајцата министри констатираа дека туризмот е многу важна област во која може да се направи чекор напред.
Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, рече дека му е особено драго што се наоѓа во БиХ во времето кога е прифатена апликацијата за членство во ЕУ и истакна дека во фокусот на соработката меѓу Албанија и Босна и Херцеговина ќе биде подобрувањето на односите и на општата состојба на граѓаните.
„Односите на двата народа мораат да се подобрат, a политичарите ќе направат сѐ за да се унапредат тие односи и да се зајакнат економските односи. Нашите односи одат во нагорна линија, а тоа се покажува и во подготовката на билатералните договори коишто ќе ги зајакнат и ќе ги подобрат нашите односи“, рече Бушати.
„Потпишувањето на договорот за слободно патување е голем чекор напред во односите меѓу двете земји, со оглед на тоа што двете земји не се непосредни соседи“, рече Бушати.
Тој посочи дека иако меѓу земјите постојат различни мислења за одредени прашања, важно е дека се обединети во заедничкиот пат кон ЕУ.
Во рамките на посетата на албанскиот министер на БиХ, министрите Црнадак и Бушати ќе го отворат почесниот Конзулат на Република Албанија во Сараевo.