Admir Fazlagic
02 Април 2017•Ажурирај: 03 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - ВМРО-ДПМНЕ (Внатрешна македонска револуционерна организација - Демократска партија за македонско национално единство), денеска промовираше „Манифест за единствена Република Македонија", јавува Anadolu Agency (AA).
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, рече дека манифестот е документ со смерници, насоки и принципи кои би требало земјата по пет, 10 или 15 години да ја водат по еден просперитетен пат како унитарна држава, напредна, економски развиена и сплотена како кохезивно мултиетничко општество.
Според него, на тоа упатува историски момент пред кој се наоѓа Македонија, но и како што рече, вековната обврска кон сите кои со живот, лична жрвта и идеал се вложиле за слобода, независност и сувереност на Република Македонија.
„Поучени од искуствата за штетноста од внатрешни поделби и притисоци од надворешни закани кои ја загрозувале нашата татковина, свесни сме за обврската да обезбедиме просперитетна држава за сегашните и идните генерации, предлагаме национално обединување на сите граѓани, интелектуалци, граѓански здруженија, верски организации и политички партии околу Манифестот за единствена Македонија за да не води кон една визија за Македонија која треба да биде земја која е единствена матична држава на Македонците во која обединети живеат сите граѓани заедно со деловите од албанскиот, турскиот, влашкиот народ, српскиот, ромскиот бошњачкиот и другите граѓани и им припаѓа подеднакво без разлика на потекло, вероисповед и мајчин јазик", истакна Милошоски.
Членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски при презентацијата на Манифестот рече дека националното обединување, зачувување на суверенитетот на државата, црвените линии во однос на името, нераскинливоста на македонската дијаспора, македонскиот јазик како обединувачки за сите граѓани со почитување и на останатите јазици кои ги говорат граѓаните, функционирањето на правната држава, одржување попис по европски стандарди, членството во ЕУ и НАТО, како и развој на стабилна економски просперитетна Македонија се дел од темите кои се во фокусот на овој Манифест на ВМРО-ДПМНЕ.
Попоски истакна дека во Манифестот се инсистира на признавање на македонската национална самосвест и јазична посебност од европските и меѓународните институции, врз база на гаранциите од Европската конвенција за човекови права и Универзалната декларација за човекови права кои мора неселективно да важат за сите.
Меѓу другото, Манаифестот предвидува и редовен дијалог меѓу опозицијата и власта во Македонија и изнаоѓање решенија во рамки на институциите, како заштита од надворешни влијанија кои, како што истакнаа претставниците на ВМРО-ДПМНЕ „неретко се на штета на државата."
Исто така, членот на Извршниот комитет Илија Димовски посочи дека во Манифестот е нагласено дека за напредок на државата е потребна долгорочна политичка стабилност.
Од политичките чинители беше побарано веднаш да не даваат одговор, туку претходно темелно да го разгледаат документот.