Ivana Ramadanova
12 Декември 2016•Ажурирај: 12 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во ИЕ 4 на Коалицијата За подобра Македонија Никола Груевски во своето обраќање пред присутните во седиштето на партијата ја прогласи нивната десетата по ред победа, јавува Anadolu Agency (AA).
Груевски им ја честиташе победата на македонските граѓани истакнувајќи дека ова се уште едни успешно спроведени избори кои беа фер, демократски и кредибилни.
„ВМРО-ДПМНЕ е победник на овие избори. Денес победи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Денес победи и Република Македонија. Ова е 10-та изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството граѓани гласаа и со најголем број гласови го поддржаа ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и нашата програма. Ќе работиме оваа поддршка да ја оправдаме“, рече Груевски.
Лидерот на владеачката партија порача дека сега ќе следува процес на формирање на коалиција и формирање на влада. „Кризата мора да заврши и Македонија мора да оди напред. Тоа ќе биде наша главна цел во следните денови“, истакна Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека ќе бидат секогаш со народот, со граѓаните на Република Македонија и секогаш ќе работат во полза на државните и националните интереси. Според него од 88 обработени гласачки ливчиња, 440.000 освои ВМРО – ДПМНЕ, а околу 415.000 СДСМ.
Во меѓувреме ДИК соопштува резултати од обработениот материјал, а се очекува наскоро да одржи прес-конференција на која ќе бидат соопштени повеќе детали.