Admir Fazlagic
12 Декември 2016•Ажурирај: 12 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Откако портпаролот на Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ) и носителот на кандидатската листа во изборната единица 6, Петре Шилегов, на прес-конференција во партиското седиште рече дека СДСМ извојувале голема победа во неколку големи градови во Македонија, приврзаниците на оваа партија излегоа пред Владата да го прославуваат изборниот успех, јавува Anadolu Agency (AA).
„Извојувавме огромна победa во Скопје, победа во Битола, Куманово, Струмица, Струга, Кавадарци, Гостивар, Дебар. Тренд на победа во големите градски средини во Македонија. Сето ова говори дека е на повидок голема победа на граѓаните во Македонија", рече Шилегов додавајќи дека веќе се слави на плоштадите ширум земјата.
Граѓаните приврзаници на СДСМ се собраа пред Владата каде кратко се обрати лидерот на опозицијата Зоран Заев истакнувајќи дека граѓаните ја „пишуваат историјата".
Тој рече дека опозицијата предводена од СДСМ, според нецелосните резултати води со еден пратеник повеќе од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на опозицијата, Заев рече дека од денеска Македонија отвора нова страница за поголеми перспективи и нова иднина, за живот на сите нејзини граѓани.
Во меѓувреме ДИК соопштува резултати од обработениот материјал, а се очекува наскоро да одржи прес-конференција на која ќе бидат соопштени повеќе детали.