Admir Fazlagic
30 Јануари 2017•Ажурирај: 30 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Рокот за составување на нова Влада истече на полноќ откако на 9 овој месец претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов му го довери мандатот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, односно на партијата која на предвремените парламентарни избори одржани на 11. декември 2016. година освои најмногу гласови.Политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во предвидениот рок не успеаја да се договорат за формирање Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако во последните денови Демократската унија за интеграција (ДУИ), која од албанските партии во земјава освои најголем број гласови на изборите, одржа низа состаноци со претстедателството на партијата во проширен состав, пред крај на истекување на рокот за составување на Влада соопшти дека денеска не донесе одлука во однос на било која од претходно најавените опции.
Според портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, дебатата во партијата била корисна, конструктивна и добронамерна за да се донесе најдобрата и најздравата одлука за сите граѓани на Република Македонија.
„Од последните состаноци на претседателството на партијата тоа што едногласно заклучивме и одлучивме е дека таа дебата не може денеска да биде исцрпена и дека немаме доволноа аргументи да се определиме за која било од петте опции кои што беа ставени како предмет на дебата. Останува во наредните денови да продолжиме во однос на оваа аргументација за да можеме да ја исцрпиме дебатата да може одлуката да биде што покорисна за граѓаните за Република Македонија. Сите опции остануваат отворени", рече Османи по состанокот со партиското претседателство.
Исто така, Османи истакна дека на партијата и е битен договорот кој што го има потпишано со Албанците, односно заедничката платформа на албанските партии во Македонија кои на 07.01.2017 година ја усвоија ДУИ,БЕСА и Алијансата за Албанците, за која тогаш најавија дека ќе биде нивна основа во преговорите за создавање на нова влада.
По изјавата на портпаролот на ДУИ, Османи, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја информираше јавноста дека договор за коалицирање со партијата ДУИ не е постигнат, како и дека одржување на нови избори е зрело решение.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата За подобра Македонија како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план", пишува во соопштението.
Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека „секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели."
„Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17 декември 2016-та година", пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваме, на предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември минатата година, најмногу пратеници освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која освои 51 пратеничко место, потоа коалицијата предводена од СДСМ 49 пратенички места, ДУИ освои 10, БЕСА 5, Алијансата за Албанците 3 и ДПА 2.