Ahmed Asmar
30 Јули 2024•Ажурирај: 31 Јули 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху негираше дека тој направил промени во предлогот за прекин на огнот поддржан од Соединетите Американски Држави (САД) откако Хамас го обвини дека поставува нови услови, пренесува Анадолу.
Во соопштението, Кабинетот на Нетанјаху рече дека Хамас е виновен за попречувањето на договорот и го обвини дека тој е оној што инсистира на неколку промени во оригиналниот предлог.
Во соопштението се повторуваат условите на Нетанјаху за максимизирање на бројот на ослободени живи заложници и создавање специјален безбедносен механизам за спречување на борците на Хамас да се вратат во северниот дел на Појасот Газа.
Според израелските медиуми, последните услови на Нетанјаху не биле вклучени во предлогот што го објави американскиот претседател Џо Бајден во мај, за кој Бајден рече дека Израел се согласил.
Претходно истиот ден Хамас го обвини Нетанјаху дека ги попречува напорите за постигнување договор за прекин на огнот во Појасот Газа.
„Нетанјаху уште еднаш се врати на стратегијата на одолговлекување, одложување и затајување со поставување нови услови и барања“, се вели во соопштението.
Во неделата, шефот на израелски Мосад, Дејвид Барнеа, директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, катарскиот премиер Шеик Мухамед бин Абдулрахман Ал Тани и шефот на египетското разузнавање Абас Камел се состанаа во Рим за да разговараат за прекин на огнот во Газа и за размена на затвореници.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел спроведува брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа почнувајќи од 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 39.360 Палестинци, главно жени и деца, а над 90.900 се ранети.
По повеќе од девет месеци израелски напади големи делови од Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.