Davit Kachkachishvili
05 Декември 2024•Ажурирај: 06 Декември 2024
ТБИЛИСИ (АА) - Во Грузија продолжуваат протестите против прекинот на преговорите за пристапување во Европската Унија (ЕУ) до 2028 година, јавува Анадолу.
Демонстрантите, кои ја критикуваа одлуката на премиерот Иракли Кобахиџе да ги прекине преговорите за пристап во ЕУ на четири години, продолжија со протестите.
Илјадници демонстранти синоќа повторно се собраа пред Парламентот, извикувајќи антивладини слогани и носејќи знамиња на ЕУ и Грузија.
Демонстрантите ја затворија улицата Шота Руставели пред зградата на Собранието за сообраќај.
Грузиската полиција вчера изврши рација во канцелариите на една од опозициските партии и го уапси нејзиниот лидер во обид да го задуши бранот масовни протести.
Вчера опозициската партија Коалиција за промени соопшти дека полицијата упаднала во нејзините канцеларии и го привела нејзиниот лидер Ника Гварамиа.
Грузиските медиуми објавија дека полицијата упаднала и во канцелариите на неколку други опозициски групи и невладини организации.
Теимураз Купатадзе, директор на Централното одделение на криминалистичката полиција на Министерството за внатрешни работи, изјави дека при вчерашните претреси привеле седум лица обвинети за организирање насилство на демонстрациите.
Купатадзе изјави дека при претресот на партиските канцеларии биле одземени заштитни шлемови, пиротехнички средства, молотови коктели, бои и електрична опрема.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека стратегиските односи со Грузија се суспендирани.
Новата висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, најави поддршка за демонстрантите што ја критикуваа одлуката на грузискиот премиер Кобахидзе за прекин на преговорите.
Џереми Лоренс, портпарол на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОН), ги повика властите „да го почитуваат правото на мирни собири“ откако полицијата повеќепати интервенираше со солзавец за време на демонстрациите во Грузија.
Балтичките земји најавија и дека ќе воведат забрана за влез на одредени високи претставници на грузиската Влада.
Тензиите ескалираа по усвојувањето на контроверзниот Закон за „транспарентност на странско влијание“, за кој критичарите тврдат дека ги ограничува политичките слободи.
Најавата на Владата за прекинување на преговорите за пристап во ЕУ дојде неколку часа откако Европскиот парламент ја усвои резолуцијата во која се критикува минатомесечното гласање што го опиша како „ниту слободно ниту фер“.
ЕУ ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година под услов да ги исполни препораките на блокот, но го стави на чекање пристапувањето и ја прекина финансиската поддршка на почетокот на оваа година по усвојувањето на законот за „странско влијание“ што се смета за удар врз демократските слободи.
Претставниците на ЕУ повикаа на повторување на парламентарните избори во рок од една година под темелен меѓународен надзор и од независна изборна администрација. Тие, исто така, ја повикаа ЕУ да воведе санкции и да ги ограничи формалните контакти со Владата на Грузија.
Кобахидзе, исто така, рече дека Грузија ќе ги одбие сите буџетски грантови на ЕУ до крајот на 2028 година.