Satuk Buğra Kutlugün
26 Октомври 2016•Ажурирај: 27 Октомври 2016
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија уште еднаш упати повик за примирје во Алепо, за хуманитарната помош да може да биде доставенa во сириски град разорен од војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Доцна синоќа, Федерика Могерини, високата комесарка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, и Христос Стилијанидес, европскиот комесар за хуманитарна помош, објавија заедничка изјава по тоа прашање.
„На крајот на хуманитарната пауза што ја прогласи Русија, во Алепо не е постигнат договор за евакуација на ранетите цивили и за доставување помош, и покрај постојаните напори на ЕУ, ОН и на хуманитарните службеници на теренот“, велат тие во изјавата.
„На 21 октомври, Советот на Европа нѐ повика да продолжиме со напорите за остварување итна хуманитарна иницијатива. Затоа повторуваме дека итно треба да се овозможи испораката на хуманитарна помош, паралелно со евакуација на ранетите цивили, во склад со меѓународното право. Тоа мора да се стори со создавање безбедни услови за хуманитарните и здравствените работници за време на доставувањето на помошта и медицинската евакуација. Затоа ја повикуваме власта и нејзините сојузници да ја обновaт хуманитарната пауза во Алепо“.
Могерини и Стилијанидес изјавија дека сите страни мора да покажат недвосмислена, искрена посветеност за да се изврши операцијата на хуманитарна помош“.
„Сите Сиријци се во голема неволја, но кои и да се, имаат основно право на примање хуманитарна помош. Сите страни во судирите треба да престанат со гранатирање на цивилните подрачја и на медицинските структури во Алепо. Намерните напади на цивилите, вклучувајќи ги и хуманитарните и здравствените работници, како и на цивилната и медицинската инфраструктура, се јасно кршење на меѓународното право и можат да претставуваат воено злосторство. Не постои воено решение за сириската граѓанска војна“, се наведува во соопштението на Могерини и Стилијанидес.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.