Besar Ademi
23 Март 2017•Ажурирај: 24 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - По тридневните преговори меѓу пратеничките групи во Собранието на Република Македонија постигнат е договор според кој претседателот на Комисијата за избори и именувања во Собранието ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, јавува Anadolu Agency (AA).
Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Собранието.
Досега е потврдено дека претседателот на оваа комисија ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ, како и бројот на членови од пратеничките групи кои ќе бидат дел од неа. Согласно со договорот, во Комисијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови , СДСМ ќе има пет, а ДУИ и Движењето БЕСА ќе имаат по еден член.
Пратеникот од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, рече дека и покрај неразумните барања, неговата партија се согласи со Комисијата да претседава ВМРО-ДПМНЕ, со цел, како што рече, Македонија да чекори напред кон просперитет.
„Прифативме претседателот на Комсијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ се со цел да се откочат процесите во државата, да профункционираат демократските тенденции, со цел граѓаните и законодавниот дом да не бидат залжници. На овој начин сакаме да го сставиме во функција Собранието како највисок претставнички дом на граѓаните на оваа земја", рече Спасовски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека СДСМ денеска првпат по изборите го прифати фактот дека се губитничка партија.Тој истакна дека единствен начин за излез на земјата од кризата е неприфаќање на албанската платформа, како што ја нарече, пост-изборен трик, како и што побрзо да се оди на парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните.
„Сметаме дека тоа е пост-изборна измама со прифаќање на политичка агенда која има сериозен аспект на редефинирање на државата, а за која граѓаните не беа информирани на изборите. Мислиме на фактот дека огромно мнозинство од граѓаните на повеќе анкети застануваат зад ставот дека излезот од кризата во Македонија може да се постигне со нови парлементарни избори", рече Димовски.
Инаку, конститутивната собраниска седница започна на 30 декември минатата година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Собранието на Република Македонија. Продолжувањето на конститутивната седница доаѓа на иницијатива која беше поднесена од СДСМ, а која беше поддржана од страна на пратениците на ДУИ и Движењето Беса. Оваа иницијатива на новото парламентарно мнозинство брои 67 пратеници од вкупно 120 членови на Собранието.
Иницијативата е резултат на консултациите меѓу парламентарните партии за неколку дена, по речиси 80 дена од заверката на мандатите на пратениците. Деветтиот состав на Собранието на Република Македонија беше конституиран на 30 декември минатата година, со верификација на мандатот на сите 120 пратеници од предвремените парламентарни избори на 11 декември, но беше прекинат поради неуспехот да се обезбеди парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, најпрво му го предаде мандатот за формирање на новата влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој во рок од 20 дена не успеа да формира парламентарно мнозинство, по што претседателот Иванов ги повика на консултации лидерите на политичките партии што добија места во Собранието на Република Македонија, и од нив побара докази за парламентарното мнозинство.
Иако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му го врачи на претседателот доказот дека обезбедил парламентарно мнозинство за формирање влада, претседателот Иванов по два дена го одби со образложение дека „нема да му го додели мандатот на секој оној што преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста."