Kaamil Ahmed
29 Јуни 2016•Ажурирај: 30 Јуни 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот Кабинет за безбедност го одобри договорот со Турција кој ќе овозможи двете земји целоснo да ги повратат дипломатските односи по шестгодишната пауза, се вели во денешното соопштение од Канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, јавува Anadolu Agency (AA).
Седум членови на безбедносниот кабинет гласаа за остварување на договорот со Турција, извести израелското Радио, додека од страна на членовите на десничарскиот кабинет, наводно од страна на министерот за одбрана, Авигдор Либерман, министерот за образование, Нафтали Бенет и министерот за правда, Ајелет Шејкер, овој договор не бил поддржан.
По неколкумесечни преговори, договорот во понеделник беше објавен од страна на Турција и Израел а ден подоцна беше потпишан од страна на министерствата за надворешни работи на двете земји.
Договорот вклучува и размена на амбасадори и зајакнување на соработката во повеќе области, вклучувајќи ги плановите на Израел за извоз на гас до европските пазари.
Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес го пофали договорот, велејќи дека договорот ќе придонесе и за олеснување на израелско- египетската блокада на појасот Газа, нагласувајќи дека Израел се согласил да ѝ овозможи на Турција хуманитарната помош да биде доставена до Газа преку израелското пристаниште на Ашдод.
Дипломатските односи помеѓу Турција и Израел беа прекинати во 2010 година откако израелските сили извршија рација врз конвојот хуманитарни бродови, убивајќи девет турски активисти.