Претседателката Османи го назначи Коњуфца за нов мандатар за формирање на косовската Влада
- На 26 октомври, првиот кандидат за мандатар, Албин Курти, не ги доби потребните гласови од пратениците на Собранието на Косово за формирање нова влада, но оваа партија изрази подготвеност да предложи друг кандидат
Prishtinë
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, соопшти дека мандатот за формирање на новата Влада на Косово го дала на Глаук Коњуфца, од редовите на победничката партија на изборите на 9 февруари годинава, Движењето Самоопределување, јавува Анадолу.
Османи го објави ова на прес-конференција од Претседателството еден ден пред истекување на уставниот рок.
„Движењето Самоопределување и кандидатот за премиер, Глаук Коњуфца, со кого штотуку ја завршив средбата, имаат целосна доверба дека можат да ги добијат потребните гласови, од нив зависи. Од мене зависи да бидам убедена дека имаат шанса, и тие ме убедија дека имаат шанса“, нагласи Османи.
Таа рече дека нејзината позиција како претседателка на земјата е колку што е можно да избегне предвремени избори, и во оваа смисла му го дала на Движењето Самоопределување уставното право да ја искористи втората можност за формирање нова влада.
На 26 октомври, првиот кандидат за мандатар, Албин Курти, не ги доби потребните гласови од пратениците на Собранието на Косово за формирање нова влада, но оваа партија изрази подготвеност да предложи друг кандидат.
Според Уставот, мандаторот има рок од 15 дена да му ја претстави на Собранието новата извршна власт, која мора да добие поддршка од најмалку 61 пратеник за да биде избрана.
Доколку Коњуфца не биде избран за нов премиер на земјата, другите албански партии јасно ставија до знаење дека немаат предлог за премиер и се за нови парламентарни избори.
Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК), трите најголеми партии, денес во текот на денот изјавија дека предлагањето на Коњуфца за мандатар ќе биде само „губење време“, бидејќи не ги има обезбедено потребните гласови, поддршката од најмалку 61 од 120 пратеници на косовското Собрание.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
