Балкан

Во Скопје промовирана ТРТ Балкан, дигиталната платформа за вести

„Со вклучување на нашата дигитална платформа за вести ТРТ Балкан, ние додаваме нова димензија на тековните емитувања на ТРТ кои ги продолжува на 41 јазик и дијалект, вклучувајќи ги и оние од регионот...“

Dzihat Aliju  | 21.06.2022 - Обновена : 22.06.2022
Во Скопје промовирана ТРТ Балкан, дигиталната платформа за вести Фото: Furkan Abdula/AA

СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје се промовираше новата дигитална платформа за вести на турскиот јавен медиумски сервис – ТРТ Балкан, јавува Агенција Анадолија (АА).

Промотивната програма се одржа во Куршумли Ан, на која присуствуваа амбасадорот на Туркије (Турција) во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок; претседателот на Управниот одбор на ТРТ, Ахмет Албајрак, генералниот директор на ТРТ, Мехмет Захид Собаџи, замениците на генералниот директор на ТРТ, Омер Фарук Танриверди, Мухамед Зијад Варол, Фетхи Фахри Каја и Мустафа Малкоч, како и политичари, претставници на турските организации и институции во земјата, како и други поканети гости.

Во овие рамки беа прикажани промотивни видеоснимки и репортажите подготвени од страна на ТРТ Балкан.

Генералниот директор на ТРТ, Собаџи, во своето обраќање истакна дека цврстата врска меѓу Туркије и балканскиот регион, особено со Северна Македонија, се состои од цврстата духовна врска.

Според него, Туркије во секоја можност покажува дека со својата работа и реторики на Балканот им дава приоритет на развојот, просперитетот и мирот на регионот.

„Со отворањето на нашето претставништво во Скопје во 2015 година, како ТРТ го продолжуваме нашето корпоративно присуство во регионот во насока на јавната радиодифузија. ТРТ, кој е глас на Република Туркије, турскиот свет, нашиот регион поврзан со нашето срце и на игнорираните, со интерес и внимание се следи од страна на Турците кои се османлиско наследство на Балканот, како и од другите братски народи“, нагласи тој.

Собаџи рече дека ТРТ е глас од татковината за своите сонародници, кои се дел од етничкиот мозаик и културното богатство на Балканот.

Тој истакна дека преку ТВ каналите како што се ТРТ Хабер, ТРТ Аваз и ТРТ Турк, освен што ги прикажуваат вестите од регионот, со различни содржини како документарни филмови, програми за патувања, серии и филмови карактеристични за Балканот, придонесе за презентирање на регионот во светот.

„Со вклучување на нашата дигитална платформа за вести ТРТ Балкан, ние додаваме нова димензија на тековните емитувања на ТРТ кои ги продолжува на 41 јазик и дијалект, вклучувајќи ги и оние од регионот. Преку отворањето што го одржавме во Анкара минатата недела, нашите дигитални вести, платформата ТРТ Балкан, му кажа „здраво“ на радиодифузниот живот. Покрај што ќе биде внатрешен глас со своите преноси на балканските јазици, ќе биде и новиот прозорец на регионот што се отвора кон Туркије и светот. Нашата платформа ќе ја следат стотици илјади кои мигрирале од Румелија, кои оставија дел од своето срце овде и мигрирале во Анадолија, и кои со интерес го следат Балканот“, изјави Собаџи.

Според него, Балканот е регион кој со векови го прифаќа живеењето на братски начин, додека во Скопје, кој го опиша како антички град на Балканот, заедно живеат Турци, Македонци, Албанци и Бошњаци.

„ТРТ Балкан, која емитува на македонски, албански, босански, хрватски и српски јазик, верувам дека со своите специјални вести и уникатни содржини ќе го одрази знаењето и искуството на ТРТ и ќе стане пионер меѓу балканските медиуми во дигиталното емитување. ТРТ Балкан ќе придонесе за односите меѓу нашите земји во областа на политиката, трговијата, образованието и културата преку создавање мост на информации. ТРТ Балкан ќе даде поддршка во борбата против дезинформациите, што е најголемиот проблем со кој се соочуваат медиумите денес, а ќе биде регионалниот претставник на новинарството на ТРТ што ја следи вистината и се обидува брзо да ја спореди вистината“, рече Собаџи.

Од друга страна, турскиот амбасадор Секизќок истакна дека промоцијата претставува собир за заедно прославување на трансферот на знаењето, искуството и квалитетот на ТРТ, која е светски бренд, во областа на новинарството на Балканот.

Нагласувајќи дека се обраќа од Скопје, Северна Македонија, кои ги опиша како срцето на Балканот, каде со векови продолжуваат да го одржуваат своето братство, блискост и пријателство, Секизќок додаде:

„Нашите човечки врски и заедничка култура, кои низ историјата биле извор на големо богатство во општествениот живот на Балканот и на народите од овој регион, ќе нè врзуваат заедно во иднина. Нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган] ја продолжи својата поддршка за балканските земји на секое поле, беше обединувач и покажа дека стои покрај своите браќа во овие земји.“

Амбасадорот Секизќок рече дека се живее во период во кој се случуваат поголеми и побрзи промени од кога било досега, и дека Туркије во овој период е пионер на многу иновации во различни сектори, вклучително одбраната, здравството и електронската индустрија.

Како што нагласи тој, ТРТ која е една од вкоренетите институции во Туркије, направила голема иновација во областа во која работи.

„[ТРТ] Отвори нова врата која на балканските народи им нуди брзо и богато новинарство на балканските јазици. ТРТ Балкан, на овој начин, додаде нова разнобојност и свеж дух на мултикултурната клима на Балканот. Искрено, им честитам на челниците на ТРТ и заедницата на ТРТ за оваа можност“, истакна Секизќок.

По обраќањата се одржа и концерт со балкански песни.

Новата дигитална платформа на вести ТРТ Балкан, која започна да се емитува со цел да ги покрие случувањата од регионот и прашањата кои го засегаат регионот на глобално ниво, ќе се емитува на македонски, албански, босански, хрватски и српски јазик. ТРТ Балкан ќе допре до над 30 милиони лица на регионалните јазици.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.