Husamedin Gina
31 Август 2020•Ажурирај: 01 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и членовите на новата Влада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Заев откако го запозна претседателот Пендаровски со новиот состав на Владата и нејзината програма на работа, даде изјава за медиумите.
Истакнувајќи дека за време на изборите ги уверил коалиционите партнери дека имаат силни и заеднички аргументи за да се обединат како целосна мултиетничка коалиција „Можеме“, Заев рече дека таа обединетост треба да се зајакне уште повеќе со Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Демократската партија на Албанците (ДПА) во владина коалиција.
„Така обединети во различностите, заеднички и многу бргу за мандатот што е пред нас ја создадовме програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 година, која нуди решение за сето она што е важно за сите граѓани, за државата и за нашата заедничка иднина“, нагласи премиерот Заев.
Заев, исто така, наведе дека оваа Влада ќе работи максимално посветено на проблемите, дека најпрво ќе се зафати со економските мерки и последици од коронавирусот, а потоа и со ублажување на ефектите од здравствената криза предизвикана од Ковид-19.
„Новата македонска економија и забрзаниот економски раст се на првите страници на програмата за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година“, рече Заев додавајќи дека во претходните три години во време на решавање на најголемите отворени орашања на надворешен и внатрешен план покажавме дека можеме да обезбедиме висок економски раст.
Тој, исто така, рече дека новата Влада има план за иновативна, стабилна и конкурентна македонска економија подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секого.
Заев во изјавата за медиумите нагласи дека во следните четири години ќе отворат 80 отсто од преговарачките поглавја со ЕУ, а за шест години целта е целосно да се затворат поглавјата со Унијата.